Авио превозникот Air New Zealand најави дека ќе побара од нивните повеќе од 10.000 интернационални патници да ја измерат својата тежина пред да влезат во авионот. Мерењето е планирано да се прави на влезовите од салоните и портите, а ќе биде целосно доброволно и анонимно.
Вакво мерење веќе е направено за домашните патници, односно за домашните летови.
Целта на оваа активност е подобрување на безбедноста на летовите, а како што истакнуваат од компанијата тоа е и нивна законска обврска.
Во основа, тежината на авионот е клучна за пресметките кои ги прават пилотите, во денешно време со помош на компјутерите, за да може да се одреди точната брзина на полетување и слетување.
Мерењето на тежината на горивото, товарот и торбите, веќе се прави, а тежината на патниците, екипажот и багажот што го носат се пресметува врз основа на просечни вредности.
Ова мерење се прави со цел да може точно да се пресметаат просечните вредности, а сите знаеме дека просечната тежина на луѓето одамна е поголема од таа што порано се има сметано како стандардна.
„Знаеме дека стапнувањето на вага може да биде застрашувачко. Сакаме да ги увериме нашите клиенти дека никаде нема видлив приказ. Никој не може да ја види вашата тежина – дури ни ние! Тоа е целосно анонимно“. Тоа е едноставно, доброволно, и со мерење, ќе ни помогнете да летате безбедно и ефикасно, секој пат“. – истакнаа од Air New Zealand.