Американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука погубувањето на Нидал Малик Хасан кој е осуден за убиство на 13 лица во воената база Форт Худ во Тексас, да не се пренесува во живо, објави Ројтерс.
Ова се случува откако планот на шефот на Пентагон, Пит Хегсет, предизвика реакции и противење од републиканци, верски лидери и дел од американската јавност.
Егзекуцијата на Хасан е закажана за 3 декември и треба да биде извршена со стрелачки вод во воената база Форт Худ во Тексас, каде што се случи нападот.
Трамп во објава на социјалните мрежи оцени дека преносот во живо можел да има „силен одвраќачки ефект“ и додаде дека многу луѓе не би сакале да гледаат како Хасан умира.
„Тој ќе умре, како што е планирано, со стрелачки вод, но овој настан нема да биде пренесуван“, напиша Трамп.
Семејствата на жртвите ќе можат лично да присуствуваат на егзекуцијата, доколку сакаат, што е вообичаена практика во САД.
Одлуката претставува редок јавно забележлив раздор меѓу Трамп и Хегсет, кој важи за еден од блиските сојузници на американскиот претседател.
Од Пентагон, сепак, соопштија дека двајцата разговарале пред Трамп јавно да ја објави одлуката и дека се „целосно усогласени“.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека Хегсет ја поддржува одлуката на претседателот.
Хасан, беше прогласен за виновен за намерно убиство откако во 2009 година застрела 13 невооружени припадници на американската армија и рани уште 32 лица во медицинскиот објект на Форт Худ.
Во меѓувреме, останува неизвесно дали закажаната егзекуција на 3 декември ќе биде одложена поради евентуални нови правни предизвици.