Доналд Трамп ги нарече „срамни“ обновените украински напади врз руските рафинерии за нафта, повторувајќи ги критиките кон Володимир Зеленски, откако пропадна енергетското примирје меѓу Русија и Украина, пренесува „Гардијан“.
Украина ги обнови нападите врз руските рафинерии за нафта откако Зеленски изјави дека Киев се откажува од примирјето што Трамп ненадејно го прогласи минатата недела, а за кое ниту Русија ниту Украина не соопштија дека се согласиле.
Во интервју за медиумот „Њузмакс“, емитувано во четвртокот, американскиот претседател изјави:
„Сè што прави тој е да ја зголемува светската цена на нафтата. Па, мислам дека тоа е срамота. Има многу цели што можете да ги погодите, но кога напаѓате рафинерии за дизел, каде што се произведува, знаете, дизел-гориво, а нам ни е потребно, како и на целиот свет, тогаш тој не му прави услуга на светот“.
Односите меѓу Киев и Вашингтон се влошија минатата недела, кога Трамп ги ублажи санкциите кон Русија во замена Москва да ослободи големи количества дизел-гориво за светскиот пазар.
Зеленски го критикуваше договорот, кој нашироко беше протолкуван како обид за ограничување на високите цени на горивата пред американските конгресни избори на средина од претседателскиот мандат. Тој предупреди дека договорот ќе ѝ овозможи на Русија да ја продолжи целосната инвазија врз Украина, започната пред повеќе од четири и пол години.
Во интервјуто за „Њузмакс“, Трамп повторно ги изнесе своите ставови за двајцата лидери вклучени во конфликтот.
„Не сум некој голем поддржувач на Зеленски. Мислам дека и двајцата, всушност, би сакале ова да заврши, но сметам дека со Зеленски е потешко да се постигне договор отколку со Путин“, вели Трамп.