Високи руски и американски претставници, вклучително и специјалниот пратеник на САД, Џаред Кушнер, водеа разговори за вклучување американски инвеститор во гасоводите „Северен тек“, преку кои се испорачуваше гас за Германија пред Русија да ја нападне Украина, изјавија пет лица запознаени со ситуацијата.
Во разговорите учествуваа Кирил Дмитриев, близок советник на рускиот претседател Владимир Путин, и Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, наведоа истите извори.
Кушнер, кој се обидува да посредува за постигнување примирје меѓу Русија и Украина, смета дека деловната соработка е клучна за воспоставување мир. Ваквиот договор би им овозможил на американските инвеститори да остварат профит од испораката на енергенси кон Европа откако ќе заврши војната.
Дмитриев и Кушнер се сретнаа во Москва и Њујорк во текот на изминатите недели. Иако не е јасно во која мера разговарале за „Северен тек“ при тие средби, темата останува на дневен ред, изјавија две од лицата за Ројтерс.
„За сите договори Русија ќе мора да преговара со DFC (Американската корпорација за меѓународно развојно финансирање) и со Министерството за финансии, а тие мора да бидат од корист за американските даночни обврзници и компании“, изјави претставник на Белата куќа, одговарајќи на прашање за разговорите околу гасоводот.
Дмитриев, кој се залага за обновување на продажбата на руски гас за Германија, минатиот месец се сретна со претставници на американските министерства за енергетика и за финансии за да разговараат за потенцијални енергетски иницијативи меѓу САД и Русија. Претставник на Дмитриев одби да даде коментар.
Останува нејасно колку Вашингтон е заинтересиран за повторно активирање на испораката на руски гас за Германија, која е најголем потрошувач на енергија во Европа.
Американски претставник изјави дека, со оглед на пречките, постигнувањето договор е малку веројатно на среден рок. Гасоводите „Северен тек“ се под санкции од САД и ЕУ, што го прави секое нивно повторно пуштање во употреба незаконско.
Трамп би можел да ги укине или ублажи американските санкции, но доколку демократите ја преземат контролата врз Конгресот на изборите на средината од мандатот следниот месец, тоа би станало потешко.
Германија и другите европски земји, кои трошат милијарди евра за обновување на своите воени капацитети за одбрана од Русија, силно би се спротивставиле на повторното пуштање во работа на „Северен тек“. Портпаролката на германското Министерство за економија и енергетика изјави дека „Северен тек“ и рускиот гас се предмет на санкции во Европа и дека Германија пронашла алтернативи. Таа истакна дека за какво било повторно пуштање во употреба на гасоводите е потребно одобрение од владата, а такво нешто не е пожелно.
Пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Германија набавуваше повеќе од половина од својот гас од Русија преку двата гасовода „Северен тек“. Тие беа ставени во мирување откако Москва го ограничи снабдувањето кон Европа, а потоа беа уништени во серија подводни експлозии во септември 2022 година.
Разговорите меѓу Москва и Вашингтон се одвиваат во услови на длабока недоверба во Европа кон намерите на Русија.
Претходно оваа година, челниците на пет европски разузнавачки служби изјавија за Ројтерс дека Русија не сака брзо да ја заврши војната и дека ги користи разговорите со САД за да промовира деловни договори.
Односите меѓу Русија и Германија – која е еден од најголемите даватели на воена помош за Украина – се на најниско ниво, откако официјални лица во Берлин ја обвинија Русија за спроведување систематска кампања на хибридни напади.
Некои германски пратеници сметаат дека деловните договори би ја зајакнале Москва додека ја води војната против Украина.
„Ова се заканува да биде валкан договор што скапо ќе ја чини Европа“, изјави Михаел Келнер, пратеник кој беше задолжен за германската енергетска политика по инвазијата на Украина.
„Американците и Русите ќе ја делат добивката“, рече тој.
Иако германската коалициска влада се противи на повторното активирање на гасоводот, „Алтернатива за Германија“ (АфД) – најпопуларната политичка партија во земјата – се залага за тоа.
Дмитриев ќе се сретне со раководството на АфД на почетокот на следната година за да разговараат за повторна продажба на руски гас.
Сепак, продажбата на сопственичкиот удел во компанијата што управува со гасоводите „Северен тек“ на американски инвеститор, или пак повторното пуштање на рускиот гас во употреба, се соочуваат со пречки.
Компанијата е во 51-процентна сопственост на рускиот државен енергетски гигант „Газпром“, додека дополнителни 31 отсто се поделени меѓу два германски субјекта, а остатокот е во рацете на една француска и една холандска фирма. Двајцата германски акционери сакаат да ги задржат своите удели за да го сочуваат германското влијание во случај „Гаспром“ да го продаде својот дел, изјави друго лице.
Неколку дена по средбите во Москва, Кушнер во Киев изјави дека разговарал со европски колеги за тоа како војната ги зголемила цените на енергенсите, залагајќи се за договори за просперитет со цел да се поттикне мирот и да им се понуди на лидерите нешто на што би можеле да се радуваат.
Иако договорот за гас би го задоволил Кремљ, тој би предизвикал поделби во германската јавност – која и онака е поделена околу купувањето руски енергенси – како и во Европа, каде што Полска и балтичките земји се особено ранливи на влијанието на Русија и се противат на енергетските врски.
Полското политичко раководство ги следи разговорите за повторно пуштање во употреба на гасоводот, но останува цврсто против тоа, изјави лице запознаено со ставовите на владата.