21.3 C
Vinica
четврток, мај 21, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Изборите се ранлив момент кога граѓаните се изложени на манипулации и надворешни влијанија

    „Странското мешање и манипулации со информации (ФИМИ) не секогаш се појавуваат како една лажна сторија или една погрешна објава, туку функционираат преку шеми, ја засилуваат недовербата и ги искористуваат поделбите. Дезинформациите ја ослабнуваат довербата во институциите, медиумите и демократските процеси и понекогаш целта не е да ги убедат граѓаните во еден наратив, туку да ги натераат да веруваат дека ништо не е вистина, на ништо не може да се верува и дека учеството не е важно, што е опасно за секоја демократија, а особено важно за Северна Македонија“, истакна Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“ на настанот „Зајакнување на отпорноста кон изборни манипулации со информации“.

    Во рамки на самиот настан беа присутни претставници на сите засегнати страни, вклучувајќи на Владата преку портпаролката Марија Митева, регулаторите како Државната изборна комисија преку претседателот Бојан Маричиќ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги преку Сашо Богановски. Мари Софи Пејр од Директоратот за проширување на Европската комисија имаше онлајн обраќање, а присутни беа и претставници на меѓународни организации како Европската мрежа за стандарди при проверка на факти, Европската алијанса за доверба, потоа претставници на Министерството за одбрана, но и на граѓанскиот сектор од Македонија и регионот.

    На свеченото отварање на настанот во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и меѓународната организација Интернешенал ИДЕА, говорници беа Микаел Атерог од Амбасадата на Шведска, Вилма Дамбраускиене, амбасадорка на Литванија, Марија Митева, портпаролка на Владата, Кушбу Агравал од Интернешенал ИДЕА и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“.

    Портпаролката на Владата, Марија Митева, извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари, амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене, Кушбу Агравал од Интернешенал ИДЕА и претседателот на Државната Изборна Комисија, Бојан Маричиќ | Фото: Мета.мк

    Јашари истакна дека обединувањето за стратешки дијалог за борба со ФИМИ е значајно бидејќи се грижиме за демократијата, слободните избори и правото на граѓаните да донесуваат одлуки врз основа на факти, а не на манипулации. Посочи дека демократијата не се брани само со зборови туку бара одговорност, координација и ресурси и акција.

    „Во Македонија, регионот, ЕУ, но и глобално веќе има многу докази, истражувања и анализи како странкото мешање и манипулациите со информации, дезинформациите и координираното штетно влијание ја еродираат демократската доверба. Изборите се особено ранливи моменти бидејќи граѓаните одлучуваат за иднина, а точно во тие моменти информацискиот простор станува многу изложен на манипулации и надворешни влијанија“, рече Јашари.

    Според последната анкета на Метаморфозис на оваа тема, 65 отсто од граѓаните ја препознаваат сериозноста на проблемот со дезинформациите, а 74 отсто бараат конкретни дејствија и очекуваат институциите да одговорат со решенија, ресурси, функционални системи и јасна, навремена, одговорна комуникација.

    Земјите кандидатки, меѓи кои и  Македонија треба да бидат вклучени во Европскиот демократски штит и да преземат активна улога во зајакнувањето на европската демократска отпорност и да ги внесат сопствените искуства, а за да го овозможат тоа треба да се придвижат подалеку од општите декларации.

    „Спротивставувањето на ФИМИ не е контрола на говорот, ограничување на дебатата, критиката или политичката конкуренција, туку заштита на отворената дебата, а воедно осигурување дека измамата, манипулацијата и координираното мешање не ја поткопуваат способноста на граѓаните слободно да избираат“, рече Јашари.

    Портпаролката на Владата, Марија Митева и Микаел Атерог од Шведската амбасада лево од нејзе | Фото: Мета.мк

    Марија Митева, портпаролка на Владата, посочи дека едно од најкомплексните прашања за современите општества е странското мешање и манипулациите со информации, кое ги напаѓа институциите и јавната доверба, процесите и општествената стабилност.
    „Влијанието не е преку познатите политички или безбедносни механизми, туку преку наративи и дезинформации кои имаат цел да создадат недоверба и институционална ерозија. Овие прашања се повеќе се третираат како сериозен демократски и безбедносен предизвик, и веќе не е прашање дали овие опасности постојат туку дали државата има капацитет да ги препознае и системски да одговори“, рече Митева.

    Таа посочи дека ставот на Владата е дека проблемот не смее да се третира фрагментирано, туку треба институционален и координиран пристап за да се обезбеди отпорност на системот. Ја нагласи новата сајбер страгегија и законот за безбедност на мрежи и информациски системи на Министерството за дигитална трансформација и посочи дека се работи на усвојување на 20 подзаконски акти, а со процесот се опфаќаат и енергетика, банкарство и телекомуникациите. Митева информира и дека Владата формира работна група од повеќе институции која треба да воспостави основа за координиран пристап во справувањето со дезинформациските кампањи.

    „Борбата против дезинформациите мора да се води внимателно за да не се доведеме во ситуација мерките за заштита на јавниот простор да бидат ограничување на слободата на говор и бидејќи демократските општества не се бранат со рестрикции туку со институционална зрелост“, рече Митева.

    Микаел Атерог од Амбасадата на Шведска посочи дека и неговата земја не е имуна заканите со дезинформации, а општествена отпорност особено се тестира за време на изборите.

    „Премиерот на Шведска во февруари годинава одржа средба со лидерите на политичките партии на кои се дискутираше за странско мешање, бидејќи повеќе земји од Европа веќе беа изложени на напади, заради што и заканите со дезинформациите се сфаќаат многу сериозно“, рече Атерог.

    Тој посочи дека земјата од 2021 година има постојана изборна мрежа составена од разни институции кои учествуваат и споделуваат знаења за правилно спроведување на изборите. Посочи дека не само институциите, туку и секој граѓанин може да даде свој придонес во процесот, заради што се работи и на јакнење на јавната свест за ширењето на дезинформациите.

    Кушбу Агравал од Интернешенал ИДЕА и амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене | Фото: Мета.мк

    Проблемот со странските манипулации, според Кушбу Агравал од Интернешенал ИДЕА, се шири во многу држави и ја нарушува способноста на граѓаните да создаваат свои мислења, а особено опасни се изборните дезинформации. Агравал посочи дека мерките и ресурсите за одбрана не се избор туку се задолжителни за да се одговори на овие закани, а институциите мораат да подготвени да реагираат и да градат капацитети.

    Во делот за идентификувањето на ранливоста на изборниот интегритет поврзан со СММИ во Македонија, дискутираа Бојан Маричиќ, претседател на Државната изборна комисија, Сашо Богдановски, од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Андреј Курурару експерт за политики и безбедност од Молдавија и Горан Ризаов од Фондацијата „Метаморфозис“.

    Бојан Маричиќ претседател на Државната изборна комисија, вели дека во дигиталната ера заштитата на гласот не подразбира само физичко обезбедување на гласачките кутии или усовршување на биометриската проверка на гласачите, заради големиот притисок врз изборниот интегритет со оркестрирани манипулации и дезинформации.

    Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ | Фото: Мета.мк

    Македонија и Западен Балкан се примарна цел на хибридни закани заради нашите внатрешни проблеми и слабости. Недовербата во институциите, неразвиената медиумска писменост и долготрајната политичка поларизација создава погодна клима за дезинформации.

    „Кога граѓаните намаат брзи и точни информации од државните органи, тие стануваат цел на манипулации, и може да се каже дека изборните дезинформации се сметаат како геполитичко оружје чија крајна цел е да предизвикаат институционална парализа да се наметне тезата дека системот е нефункционелан и да се одвратат граѓаните од гласање уште пред да започне изборниот ден“, рече Маричиќ.

    Најголемата системска слабост е недовлната правна регулација, особено социјалните и онлајн медиуми кои не се регулирани и недоволната координација на институциите, на што укажуваат и извештаите на ОБСЕ/ОДИХР за последните избори.

    Според Горан Ризаов, ние сме пример како се овозможува ширење на дезинформациски наратив во изборниот процес.

    Горан Ризаов, Фондација Метаморфозис | Фото: Мета.мк

    „Странското штетно влијание не создава нови слабости туку ги користи потоечките и е најопасно каде што има пукнатини во системот. Тоа се слабите институции кои бавно реагират, потоа финансирањето на изборите, особено дигиталните кампањи, поделбата во општеството на етничка, партиска основа, ниската професионалност на новинарството, сензационализмот и финансиската неодржливост на медиумите, социјалните платформи кои немаат никава регулација. Сето тоа заедно е автопат за ширење на ФИМИ“, рече Ризаов.

    Тој посочи дека истражување на јавно мислење во 2024 година покажа дека луѓето најмногу се информираат и им веруваат на личните контакти, додека довербата кон институциите и медиумите се намалува.

    „Институциите немаат координација и не се знае кој е одговорен да потврди одредна информација или дезинформација, кој ќе комуницира со јавноста и кој ќе координира, иако во случаите со дезинформациите е особено важно да се реагира брзо. Ако во првите неколку часа нема никаква реакција веќе може да е предоцна“, вели Ризаов.

    Настанот кој го организираше Фондацијата Метаморфозис заедно со Интернешенал ИДЕА е во рамки на проектот „Справување со изборно поврзани манипулации со информации и странско влијание поддржан од Global Affairs Canada.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica