Израелскиот парламент усвои закон со кој се воведува смртна казна за Палестинците осудени за смртоносни напади, мерка остро критикувана како дискриминаторска од европските земји и групите за човекови права, објави Гардијан.
Со законската регулатива смртната казна станува стандардна казна за Палестинците на Западниот Брег окупиран од Израел, прогласени за виновни за намерно извршување смртоносни напади, кои од воен суд се сметаат за терористички акти.
Според законот, осудените на смрт ќе бидат сместени во посебен објект без посети освен од овластен персонал, а правните консултации ќе се спроведуваат само преку видео врска. Егзекуциите ќе се извршуваат во рок од 90 дена од изрекувањето на пресудата.
Израел ретко ја користел смртната казна, применувајќи ја само во исклучителни случаи. Нацистичкиот воен злосторник Адолф Ајхман бил последниот човек што бил погубен, во 1962 година.
Комитетот за безбедност направи некои измени на законот, кој минатата недела го помина своето прво гласањ . Израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН објави дека егзекуциите ќе се извршуваат со бесење.
Воените судови во окупираниот Западен Брег, исто така, ќе имаат овластување да изрекуваат смртни казни.
За Палестинците под окупација, законот ги затвора можностите за жалба или помилување.
Законодавството, иницирано од крајно десничарската партија „Оцма Јехудит“ предводена од Бен-Гвир, предизвика остри критики од противниците кои предупредија дека тоа би означило значителна ескалација на казнената политика на Израел.
Откако ќе биде донесен, законот формално стапува на сила, но сè уште може да биде разгледан – и потенцијално поништен – од страна на Врховниот суд на Израел.
Водечките групи за човекови права во Израел го осудија законот како „чин на институционализирана дискриминација и расистичко насилство врз Палестинците“. Здружението за граѓански права во Израел соопшти дека поднело жалба против законот до Врховниот суд на Израел.
Минатиот месец експертите на ОН го повикаа Израел да го повлече законот, предупредувајќи дека тој ќе го наруши правото на живот и ќе дискриминира Палестинците на окупираните територии. Тие рекоа дека мерката го отстранува судското дискреционо право, спречувајќи ги судовите да ги оценуваат индивидуалните околности или да изрекуваат пропорционални казни. Тие рекоа дека бесењето претставува тортура или сурова, нечовечка или понижувачка казна според меѓународното право.
Дипломатската служба на ЕУ, исто така, го осуди предлогот, велејќи дека смртната казна го крши правото на живот и ризикува да ја прекрши апсолутната забрана за тортура.
Во неделата, Велика Британија, Франција, Германија и Италија изразија „длабока загриженост“ во врска со законодавството, за кое рекоа дека ризикува „да ги поткопа обврските на Израел во однос на демократските принципи“.