На 31 март 2026 година, во 11 часот, во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Антологија на античката лирика“ во издание на „Чудна шума“.
„Антологија на античката лирика“ претставува обемен избор од песни кои се создадени во Античка Хелада и Рим, препеани од старогрчки и латински од Елена Колева, Љубинка Басотова, Даниела Тошева, Војислав Саракински, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ и Методија Тасевски.
Во воведните студии и белешки за Хеленската лирика, чиј автор е Весна Томовска (со исклучок на означените делови напишани од Елена Колева), се разјаснуваат жанровите и книжевните контексти на античката лирика – елегијата, јамбографијата, меликата и хорската песна – како и нивното влијание врз подоцнежните книжевни периоди. Воведите за Хеленистичка лирика и Римска лирика се дело на Даниела Тошева, која ги разработува особеностите и развојните линии на поетските школи во доцната антика.
Песните се пренесени во препев, најчесто во автентичниот ритам на кој се составени старогрчките и латинските оригинали, кои биле пеени во придружба на инструменти или рецитирани, исто така, со музичка придружба. Станува збор за еден разновиден корпус во кој се опфатени речиси сите досега преведени и објавени песни од антиката на македонски јазик, кој е дополнет со нови препеви на песни пронајдени на папируси или на други медиуми, а кои не се дел од постарите изданија. Со тоа, ова издание создава целина што првпат ја обединува поетската традиција на античкиот свет.
„Античката лирика не дошла до нас како корпус зачуван во целост, туку како збир од зачувани фрагменти, често со посредство на подоцнежни автори, папирусни наоди и различни уреднички избори. Според тоа, секоја антологија е нужно и некаква интерпретација која воспоставува канон, предлага читање и ја обликува рецепцијата. Со ова издание сакавме да го прикажеме овој разнообразен материјал на македонски јазик во што е можно поконзистентен и филолошки совесен облик, водејќи сметка и за метричката, и за семантичката страна на оригиналите.
Иако лирските текстови се жанровски условени и реторички обликувани, а понекогаш дури и конвенционализирани, тие сепак носат значаен белег од историскиот контекст во кој настанале. Токму преку тие поетски кодови се насетуваат општествените односи и вредносните системи на нивното време. Во таа смисла, антологијата нуди избор од безвремени стихови, но и материјал за нивна временска и општествена контекстуализација.
Секако, најмногу од сѐ нѐ радува фактот што оваа антологија, освен што е жив показ на убавината на античкиот стих, претставува и сведоштво за изразната моќ и суптилната чувствителност на македонскиот јазик, во кој овие песни повторно добиваат глас“ – изјави проф. д-р Војислав Саракински, еден од приредувачите на антологијата и автор на дел од препевите.