Денеска се одбележува една година од катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе. Во 2,30 часот, времето на започнувањето на пожарот во дискотеката, родители, роднини и блиски на жртвите и повредните се собраа во Кочани, пред објектот и со едноминутен молк им одадоа почит на загинатите.
„Не сте само спомен — вие сте љубов“, порачаа од Здружението на граѓани 16 март 2025.
Една од најголемите трагедии во поновата македонска историја се одбележа со повеќе настани во текот на минатата недела. Пред дискотеката беа поставени 63 бели срциња, на кои е испишано името и годината на раѓање на сите 63 загинати, се одржаа велосипедска тура и кошаркарски натпревар, а беше промовирана и книгата „Ќе те има“ од авторката Марина Стојчевска, која зборува за болката, сеќавањата и љубовта посветена на 63 млади изгубени животи.
Беше организирана и Меѓународната конференција „Институционалните и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, на која беа презентирани искуствата на здравствениот систем – од првичната интервенција и спасувањето човечки животи, до третманот, рехабилитацијата и системските решенија што треба да ја направат нашата држава институционално уште поподготвена во иднина.
Министерот за здравство, Азир Алиу им заблагодарит на повеќе од 400 здравствени работници од јавните и приватните здравствени установи од нашата држава, кои во тие денови работеа со исклучителна пожртвуваност, концентрација и професионализам, како и на сите европски медицински центри каде што се лекуваа повредените.
„Нашата најголема обврска кон жртвите и кон повредените е да продолжиме да градиме систем што ќе штити, ќе реагира навреме и ќе обезбедува највисоко ниво на грижа за секој граѓанин“, рече Алиу.