Во присуство на многубројни гости и љубители на уметноста, вчеравечер во Националната галерија – објект Чифте амам беше отворена изложбата „Флора – Фауна – Покриви“ на современите австриски уметници Констанце Пирх, Манфред Лајрер и Харо Пирх чии дела се инспирирани од природата, животот и просторот што нè опкружува.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање пред присутните рече дека „изложбата е културен настан кој ја носи свежината од пријателска Австрија, но и убав повод уште еднаш да ги потврдиме традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави кои ги поврзуваат длабоки културни, историски и духовни врски“.
„Македонија и Австрија со години градат стабилно партнерство засновано врз доверба, почит и заеднички европски вредности. Во тие односи, културната соработка има особено значајна улога – таа отвора простор за дијалог, размена на идеи и нови креативни партнерства меѓу институциите и уметниците од двете земји“, потенцираше Љутков.
Тој додаде дека двете држави со години градат партнерство каде што културната соработка има особено значајна улога.
Според Љутков, ваквите иницијативи не само што ја збогатуваат културната понуда на градот, туку и ги зацврстуваат темелите на партнерството меѓу двете држави.
Изложбата „Флора – Фауна – Покриви“, која ќе биде отворена за посетителите до 12 април, ја реализира Амбасадата на Република Австрија во соработка со Националната галерија и со поддршка од Министерството за култура и туризам.