„Биеналниот „Зимски салон 2026“ е резултат на внимателно осмислениот концепт, што цели да обедини на едно место различни генерации сликари, со различни ракописи, насликани за различни генерации набљудувачи, сите гладни за уметност“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка на 21 издание на оваа ликовна манифестација, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, коешто годинава одбележува 80 години од своето постоење.

Според неа, уметничкото творештво има моќ да ги надмине географските и политичките граници, туркајќи ја македонската уметност во плоден дијалог со европските и светските текови: од модернистичките визии на Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, преку силниот израз на Петар Мазев и поетиката на Димитар Кондовски, до современите автори со иновативни форми и значења.


Годинашното издание на „Зимски салон“ е курирано од реномираната словенечка ликовна критичарка Лилјана Степанчиќ.