Од Зелениково до Скопје ќе се патува 25 минути, а од Драчево за 11 минути, со градскиот воз, кој денеска го најавија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Возот би требало да почне да сообраќа од средината на идната година, а дотогаш ќе се работи на реконструкција на инфраструктурата.
Првата линија на градскиот воз ќе оди од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Кисела Вода до главната железничка станица и е долга 24 километри. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека овој проект ќе влијае на намалување на загадувањето на воздухот, бидејќи треба да допринесе за намалување на возилата на улиците низ градот.

„Проектот ќе има позитивно влијание врз животната средина во текот на целата година бидејќи автомобилите се возат во секој ден и емитуваат честички кои влијаат негативно врз квалитетот на воздухот“, рече Мицкоски.
Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека по завршувањето на првата фаза, од идната година ќе започне реализацијата и на другите две линии на градскиот воз, делницата од Волково, преку Ѓорче Петров, Скопје Север до Железничка станица и од Миладиновци, преку Илинден до Железничка станица. Тој посочи дека во тек е рекострукција на пругата со замена на дрвените со бетонски прагови.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски рече дека за да има најдобри ефекти градскиот воз, ќе се направи и синхронизација со градските автобуси за да ги прифаќаат патниците.
„На тој начин ќе понудиме реална и брза алтернатива за транспорт на нашите сограѓани“, рече Ѓорѓиевски.
Директорот на Јавното претпријатие Железници Синиша Ивановски истакна дека првата линија од Зелениково до железничката станица ќе чини 5,7 милиони евра. Делницата во должина од 24,5 километри ќе биде готова за најмногу 6 месеци.