3.8 C
Vinica
сабота, февруари 21, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Изложба на Марјан Стојаноски „Асоцијативни апстракции“ во Куманово

    На 06.11.2025 /четврток/ со почеток во 19 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложбата на Марјан Стојаноски – Асоцијативни апстракции. Се работи за циклус од дваесеттина слики работен во последните две години.

    Марјан Стојаноски е роден во Прилеп 1983 година. Средно образование завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски” во Скопје. После завршување на средно образование, се запишува на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди, каде што под неговото менторство го завршува факултетот. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул” од друштвото на ликовни уметници од Прилеп Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби. Живее во Прилеп, каде што и работи во Центарот за Култура „Марко Цепенков”.

    Стојаноски успева да го задржи балансот меѓу контролираниот хаос и јасната визуелна мисла. Неговите композиции, иако на прв поглед спонтано фрагментирани, во суштина се длабоко структурирани – во нив се чувствува архитектура на линијата, ритам на повторување и контрапункт меѓу празнината и обликот.

    Во најновиот циклус дела на Марјан Стојаноски, линијата добива статус на жив организам — таа трепери, пулсира и го води гледачот низ еден слоевит свет на симболи, архетипови и интимни кодови. Секој потег делува како запис од некоја изгубена азбука, како визуелен документ на внатрешна археологија во која авторот копа по значењата на формата, идентитетот и меморијата.

    Во делата доминираат мотиви на човечки профили, око, симболички знаци и геометриски структури што се преплетуваат во еден полуапстрактен, полунаративен простор. Тие не се приказ, туку ехо – одраз на мисловен процес што ја бара суштината на човекот меѓу духот и материјата.

    Колористичкиот јазик е воздржан, но полн со енергија – сивите и окерните тонови ја создаваат атмосферата на стар ракопис или урбан фрескопис, додека црната линија дејствува како вектор на идејата, како знак на постоење.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica