Овој славен светител беше родум Мисирец и прв војвода на царот Константин Велики. Кога на царот Константин му се јави победоносниот крст, поверува во Господ Исус Христос и се крсти. Подоцна, во времето на царот Констанциј овој цар го испрати Артемиј во Елада за да ги пренесе моштите на Св. Андреј од Патрас и на Св. Лука од Тива во Цариград, а ова војводата Артемиј го изврши со радост. Потоа беше поставен за августалиј и царски намесник во Мисир и во овој чин остана и во времето на Конастанциј, Константиновиот син, а извесно време и при Јулијан Отстапник. Кога овој богоотстапен цар тргна во војна со Персијанците, запре во Антиохија и му нареди и на Артемиј да дојде со својата војска во Антиохија. Артемиј дојде. Во тоа време царот удри на маки двајца христијански свештеници, Евгениј и Макариј. Кога го виде тоа Артемиј се возмути со сето срце и излезе пред царот и му рече: „Зошто цару толку нечовечно ги мачиш невините и на Бога посветени мажи и зошто ги присилуваш да се откажат од верата православна?“ И уште Артемиј му прорече на царот: „Твојата погибел е близу.“ Разјарен царот ги испрати оние двајца чесни свештеници на прогонство во Арабија, каде што набрзо се упокоија, а војводата Атемиј го расчини и нареди да го растргнуваат и бијат. Сиот ранет и раскрвавен Артемиј го фрлија во затвор, каде што му се јави Самиот Господ Исус Христос, Кој го исцели и го утеши. Потоа царот нареди, та го спростреа на еден камен, а со друг тежок камен го притиснаа така што телото на Артемиј го здробија и го сплескаа како штица. Најпосле му ја отсекоа главата во 362 година. А царот Јулијан отиде на бој против Персијанците и срамно загина, како што му прорече Св. Артемиј.
Тропар
О, величенствено смирение, о, послушание свето пред Бога принесено, на твоите трудови се восхитуваме, свети Артемие великомачениче, а преку тебе името Христово го величаме, кој има таков воин во свитата Своја. Душата твоја од Духот Свети запалена и прочистена, телото го предаде да сведочи за бесмртноста, а таа остана да лекува немоќи наши до века, сведочејќи дека Љубовта на Галилеецот победува. Моли се, великомачениче, телесниот човек да го соблечеме, а духовниот да порасне по мерката Христова.
Светиот праведен Артемиј
Роден е во 1532 година. Син на руски селани, Козма и Аполинарија, од селото Веркол, во Дивинскиот округ. Уште од петтата година се разликуваше од другите деца со својата необична побожност и кротост. Кога имаше тринаесет години како момченце одеше по својот татко низ некоја голема шума. Од силна бура и невреме Артемиј умре во шумата и неговиот нажален татко не можејќи да копа гроб го покри телото со гранки и замина. По дваесет и осум години некој човек виде во таа шума необична светлина, ? пријде и го најде нераспаднато и нетлено телото Артемиево. Многумина болни се исцелуваа докоснувајќи се до телото на Свети Артемиј. Неговите свети мошти почиваат во еден манастир близу Пинега во Архангелската губернија.