8.6 C
Vinica
петок, ноември 28, 2025

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Македонија го доби првиот Национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“

    Македонија го доби првиот Национален центар за вештачка интелигенција, „Везилка“,
    кој треба да биде дел од европската мрежа на AI фабрики, со директен пристап до европски суперкомпјутери и ќе овозможи истражувачите, стартапите и институциите да развиваат напредни решенија засновани на вештачка интелигенција.
    Како што најави денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, проектот треба да ги поврзе државата, универзитетите и индустријата во заедничка мисија за паметна и одржлива дигитална иднина.
    Проектот, вреден околу шест милиони евра ќе го води ФИНКИ, а се реализира со поддршка од Европската Унија, преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC.
    Проектот ќе го поттикне развојот на македонски јазични модели, ќе ги поддржи здравството, енергетиката, јавната администрација и земјоделството, и ќе создаде национален центар за обука и развој на таленти во областа на ВИ.

    „Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција, со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница. Центарот ќе биде придружна единица на европската AI фабрика „Pharos“ со седиште во Грција, што на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори,“ истакна Андоновски.

    Тој вели дека претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, вчера најави дека AI фабриките се новата европска инфраструктура за иновации, а со „Везилка“, Македонија станува дел од оваа европска дигитална мрежа. Фон дер Лајен рече дека со ова ќе им се овозможи на компаниите во сите шест земји од Западен Балкан да се поврзат со овие фабрики и да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica