5.6 C
Vinica
сабота, февруари 21, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Штрпка: Словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база, нашите „мали јазици“ прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види

    Македонија е држава што знае да ги почитува вистинските вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база, а „малите јазици“ прават вакви значајни дела и потребно е светот да ги слушне и дознае за нив, истакна денеска на прес-конференција добитникот на највисокото признание на меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата Иван Штрпка.

    Директорот на Фестивалот Никола Кукунеш посочи дека Струга по 64-ти пат ги отвора своите врати за поезијата. „Годинашниот лауреат е поет кој успеал во својот живот да ги вкуси сите страни на битисувањето, кога станува збор за поетското творештво. Бил и човек, кој е ценет, но и поет, кој ја почуствувал репресијата на системот“, истакна Кукунеш.

    „Вие сте држава што знае да ги почитува добрите вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Многу сум среќен што успеавме за краток период да изработиме едно извонредно издание од мојот вкупен поетски опус. Изборот на песни го направив лично. Благодарен што покрај македонската, со преводот на англиски јазик и меѓународната публика ќе има можност да ужива во убавиот пишан збор. Ова издание испраќа и една естетска порака во поширокиот свет на културните случувања. Изборот во книгата го сфаќам како знак на лична почит, но и воопшто на словачката модерна поезија. Добивањето на наградата е од огромно значење и за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет. Во културната смисла на зборот и во поглед на преминот на границите словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база. Во словенскиот свет обично зборуваат и за словачкиот и за македонскиот јазик како за „мали јазици“, но ова е една битна потврда дека бројот на говорници не е преголем, но нашите „мали јазици“ прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види, да ги оцени и да ги вреднува уште повеќе. Ние немаме потреба да докажуваме дека впрочем во никаква смисла не сме мали“ рече Штрпка.

    Добитникот на Златниот венец Иван Штрпка изрази задоволство што Фестивалот го избра токму него за годинашен добитник на најпрестижното признание во интернационални рамки.

    Од Струга кажа дека ќе понесе едно прекрасно доживување и една извонредна порака дека вреди светот да го гледаме со очите на поетот. Тој претходно во Паркот на поезијата засади дрвце, до кое стои табла испишана со неговото име.

    „Поетското гледање на денешниот свет е речиси неминовно, бидејќи искрено доаѓа од душата. Бев почестен и со садењето дрво во Паркот на поезијата, каде ги видов дрвата и на други светски реномирани поетски бардови. Некои од нив ги познавав и лично, беа и мои пријатели. Сфатив дека сум во едно незаменливо друштво. Пресреќен сум што ме удостоивте да се најдам во таков круг на светски поетски имиња. Изразувам надеж дека во блиска иднина во паркот ќе израсне една голема шума и никој никогаш нема да се осмели да ја пресече благородна шума“, додаде Штрпка.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica