Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска ја посети Општина Демир Хисар, каде што оствари средба со градоначалникот Никола Најдовски и ги посети институциите од областа на културата што го обликуваат културниот живот во овој регион.
Во рамките на посетата, министерот ја разгледа меморијалната поставка посветена на великанот на македонската книжевност, Петре М. Андреевски, во неговото родно село Слоештица. Тој посочи дека состојбата на меморијалната соба не е онаква каква што неодамна беше претставена во јавноста.
Министерот додаде дека Министерството е подготвено, доколку семејството даде согласност, овој објект да го води и за него да се грижи новоформираната невладина организација, или пак да биде под Домот на културата и да се вклучи Министерството со одредена поддршка.
„Лично се уверив дека меморијалната соба не е запоставена и дека сите објави во јавноста се невистинити. Во неа има само лични предмети и фотографии на македонскиот поет, романсиер, раскажувач и драмски автор кои се во солидна состојба, а условите за нивно чување се соодветни. Воедно, загриженоста за ракописите е неоснована бидејќи тие се безбедно зачувани во МАНУ“, изјави Љутков.

„Петре М. Андреевски не е само писател – тој е дел од духовниот темел на нашата држава. Нашата задача е да го чуваме, негуваме и гордо да го пренесуваме неговото наследство на идните генерации“, нагласи министерот.