Тунберг се залага за екоактивизам и заштита на животната средина, нејзините изјави предизвикуваат големо медиумско внимание, но во ниеден кредибилен медиум во светот нема таква изјава, каква што ѝ се атрибуира во објавата. Оваа невистина циркулира барем од јануари 2020 година. Бројни проверувачи на факти констатираат дека станува збор за дезинформација, односно дека Тунберг нема побарано од Кина да престане да користи стапчиња за јадење за да се заштити животната средина, пишува Вистиномер.
Во продолжение ви го пренесуваме текстот во целост:
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Грета ги повика Кинезите да се откажат од традиционалните стапчиња и да ги спасат дрвјата. Кинезите ја повикаа Грета да се врати на училиште и да научи дека тие се направени од бамбус, а бамбусот е трева. Кинезите ја повикаа Грета и нејзините пријатели да не го бришат газот со тоалетна хартија, зашто таа е направена од дрво.
Објавата доаѓа по најавата дека шведската активистка за животна средина и за климатски промени Грета Тунберг доаѓа во посета на Северна Македонија да учествува на протест против изградба на хидроцентрали на реката Дошница на Кожуф.
Но, наведеното во објавата што ја рецензираме, дека наводно Грета ги повикала Кинезите да се откажат од традиционалните стапчиња за да ги спасат дрвјата по што тие ѝ одговориле дека се направени од бамбус кој е трева, е побиено како невистина уште во 2020 година од страна на проверувачите на Сноупс.
Тунберг не побарала од Кина да се откаже од традиционалните стапчиња за јадење, ниту пак, Кина возвратила со навредливо соопштение, како што се тврди во објавата. Оваа невистина циркулира барем од јануари 2020 година. Но, Кина навистина користи милиони дрвја секоја година за да произведе милијарди сетови стапчиња за еднократна употреба. Кога загриженоста за негативното влијание на овие стапчиња за еднократна употреба беше актуализирана во 2006 година, владата на Кина воведе 5 проценти данок на ваквиот прибор за јадење за да го забави уништувањето на шумите.
Како што тогаш извести „Би-Би-Си“, владата на Кина воведе 5 проценти данок на дрвени стапчиња за јадење за една употреба во обид да ги заштити своите шуми. Кина во 2006 произведувала 45 милијарди пара вакви стапчиња со помош на дрва и растенија бамбус.
Иако овој данок го забави уништувањето на шумите, не го запре.
Проверувачите на факти на „Франс Прес“ со пребарување на кинески и на англиски јазик не најдоа кредибилни и релевантни податоци дека Тунберг кажала оти Кинезите треба да престанат да користат стапчиња за јадење за да ги спасат дрвјата. Бројни проверувачи на факти при проверката констатираат дека станува збор за дезинформација, односно дека Тунберг нема побарано од Кина да престане да користи стапчиња за јадење за да се заштити животната средина. Дезинформациите за Тунберг се засилија кога таа кажа дека Кина треба да направи повеќе околу емисијата на гасови за заштита на планетата Земја.
Тунберг има големо медиумско присуство, поканувана е да учествува и да држи говори насекаде во светот, се залага за екоактивизам и заштита на животната средина, нејзините изјави се јавни и предизвикуваат големо медиумско внимание, но во ниеден кредибилен медиум во светот нема таква изјава, каква што ѝ се атрибуира во објавата. Доколку навистина изјавата постоеше, таа ќе беше медиумски покриена.