Подготвуваме национална стратегија за унапредување на третманот на пациентите со дијабетес и онколошки заболувања. Мора да креираме систем кој ќе следи и ќе дефинира, со цел навремено и долгорочно обезбедување на потребната терапија, рече вчера Азир Алиу, министерот за здравство, во гостување на ТВ 24. Ова следува откако Сојузот на здруженија на дијабетичари, вчера реагира на низа проблеми кои ги имаат, а за кои рекоа дека надлежните немаат слух.
„Активно работиме и на проширување на позитивната листа и ажурирање на ценовникот. Денес се очекува да биде усвоена информација за дисперзирање на онколошката терапија во Клиничка болница Битола, заедно со клиничките болници во Штип и во Тетово и ГОБ „8 Септември“. За таа цел, веќе е дефиниран и посебен протокол за аплицирање на терапијата“, рече тој.
Според него, здравството е комплексен систем со многу карактеристики.
„Преку системски пристап работиме на креирање нова методологија за финансирање и буџетирање за да поставиме темели за пофункционален здравствен систем. Воедно, правиме компарација на состојбата кај нас и во соседството и со колегите од регионот, се разгледуваат правно можностите и правиме план како заеднички да може да отвориме постапка за набавка на иновативни терапии за онколошки пациенти“, истакна Алиу.