30 C
Vinica
сабота, јуни 7, 2025

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Утре започнува третото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип Трип“ во МКЦ

    Во пресрет на третото издание на најголемиот македонски стрип фестивал, „Стрип Трип 2025“, љубителите на деветтата уметност со нетрпение ја очекуваат богата програма што ќе ја понуди овој културен настан. Фестивалот ќе се одржи од 6 и 8 јуни во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје и ќе донесе уникатно доживување за сите генерации.

    Главен гостин на фестивалот е реномираниот стрип-автор Рајнхард Клајст од Германија кој е познат во светски рамки со графичкиите биографии за Дејвид Боуви, Ник Кејв, и Џони Кеш, како и графичките романи „Боксерот“ и „Олимписки сон – Приказната за Самија Јусуф Омар“.

    Клајст ќе настапи на „Стрип Трип“ со изложба, панел дискусија, цртачка сесија, како и уникатен цртачки перформанс со музичка придружба од Мартин Џорлев, Виктор Стојановски и Марко Печеновиќ. Меѓународни гости на фестивалот се и реномираните стрип-автори Марко Дјешка од Хрватска, Марко Стојановиќ од Србија и Гани Сундури од Косово.

    Македонски претставници на „Стрип Трип“ се Александар Сотировски, Смиле Цветановски, Давор Драмиќанин, Наташа Андонова, Филип Алексовски, Матеј Богдановски, Симон Калајџиев, и Стефан Николовски. Дополнително, на писателот и теоретичар Томислав Османли ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“ со која се препознава неговиот придонес кон македонското стрип творештво. Во текот на фестивалот ќе бидат објавени и победниците на конкурсот за најдобар краток стрип кои ќе се стекнат со низа финансиски и нефинансиски награди.

    Програмата на „Стрип Трип“ вклучува три одделни изложби со стрип табли и илустрации на гостите и учесниците на конкурсот, а ќе се одржат и низа панели и презентации на некои од најновите домашни и регионални стрип изданија.

    Фестивалот вклучува и работилница за цртање стрипови со Здравко Гиров, цртачка „џем“ сесија со сите гости, поткаст во живо со Дебели Гикови, и низа други интерактивни искуства.

    Ќе бидат прикажани и долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, како и кратките анимирани филмови на Марко Дјешка. Диџеј сетовите на Костадин Шурбановски – Шурбе и Владимир Благојевиќ – Владодлак ја заокружуваат мултимедијалната програма. Повеќе детали и саатници се достапни на Фејсбук и Инстаграм профилите на „Стрип Трип“.

    Покрај редовната програма, на 7 и 8 јуни со почеток од 12ч ќе се одржи стрип берза на платото на МКЦ.

    Фото: Програма за Стрип Трип 2025, Стрип Трип Фестивал

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica