Украина го подготвува четвртиот Самит „Украина – Југоисточна Европа“, кој годинава е планирано да се одржи во Одеса, Украина. За таа цел украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека разговарал со дел од лидерите од регионот, вклучувајќи ја и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
И покрај тоа што како што наведува самиот Зеленски на социјалните мрежи, премиерите на Словенија и на Грција, Роберт Голоб и Кирјакос Мицотакис, како и претседателката на Молдавија, Маја Санду прифатиле да учествуваат на Самитот, нејасно е дали потврда има и од македонската претседателка Сиљановска-Давкова и од српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во краткото соопштение од претесдателскиот кабинет на Сиљановска-Давкова се вели дека таа имала кус разговор со Зеленски и тој ја информирал за интензивните дипломатски напори насочени кон постигнување на договор за праведен мир во најскоро време. Таа изразила поддршка за напорите за крај на војната.
Во една реченица се спомнува дека „украинскиот претседател се заблагодарил за македонската поддршка и најавил одржување на Самит „Украина – Југоисточна Европа“ на лидерите на земјите од регионот. Но, нема никаква информација дали таа е поканета и дали прифатила да учествува.
Украинскиот претседател на мрежата X (поранешен Твитер) исто така соопшти дека разговарал со Гордана Сиљановска-Давкова и дека ја информирал за нивните напори за праведен мир.
„Воедно дискутиравме за координација во чекорите на патот кон членството во ЕУ. Јас сум благодарен за поддрката од Северна Македонија за Украина“, напиша Зеленски.
Тој на крајот на својот твит нагласува оти е важно и Македонија да биде претставена на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“.
I spoke with North Macedonia’s President, Gordana Siljanovska-Davkova @gogamkd. I briefly informed about our diplomatic efforts aimed at achieving a just peace as soon as possible.
We also discussed coordinating steps on the path toward EU membership. I’m grateful for North… pic.twitter.com/JIL57zN3xM
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) May 22, 2025
Од друга страна, како што информира самиот Зеленски неколку регионални лидери веќе го потврдиле своето учество на Самитот. Меѓу нив е претседателката на Молдавија, Маја Санду, премиерите на Грција, Кирјакос Мицотакис и на Словенија, Роберт Голоб. Како што посочува тој, го информирал словенечкиот премиер за земјите кои добиле покана и потврдиле учество.
„Словенија ќе биде претставена на самитот, и тоа е многу важно за нас. Ви благодарам“, напиша Зеленски.
Во својот твит за разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, Зеленски вели дека разговарале за европската интеграција и билатералната соработка.
„Поконкретно, разговаравме за соработката во рамки на форматот Украина – Југоисточна Европа. Ќе продолжиме да го развиваме за да ја зголемиме неговата ефективност. Се договоривме да останеме во контакт“, напиша Зеленски без да прецизира дали Вучиќ прифатил да учествува на самитот.
Организирањето на Самитот доаѓа во клучен момент за Украина, која работи на зацврстување на поддршката од европските партнери и земјите во Југоисточна Европа.
Се очекува самитот да се одржи во Одеса, град симболично важен за украинскиот отпор и стратешки значаен за безбедноста во Црноморскиот регион. Засега не е објавен точниот датум на одржување, но се верува дека ќе се случи во следните неколку недели.
Присуството на Северна Македонија на овој самит би било важен сигнал за регионалната солидарност и поддршка за европските вредности, особено имајќи ја предвид континуираната поддршка од страна на македонските власти за украинскиот суверенитет и територијален интегритет.
До сега се одржаа три вакви самити, во август 2023 година во Атина, во февруари 2024 г. во Тирана и во октомври 2024 г. во Дубровник. На самитот во Дубровник учествуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.