ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го започнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, а разговорот со авторката ќе се одржи в среда (3 септември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.
Кампањата започна во септември 2022 година и досега беа претставени вкупно 24 современи македонски автори и исто толку дела.
Ова е трет роман за возрасни на Ќорвезироска по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. „Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него.
Во четвртиот циклус од „Читаме современи македонски автори, исто така, предвидени се осум автори и дела. Книгата за месец септември е „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска (издание на Арс Ламина), добитник на Рациновото признание за 2025 година.
Разговорот со Ќорвезироска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.