Со долг аплауз и стоечки овации, долгоочекуваниот филм „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска беше премиерно прикажан на 81.
Венецискиот филмски фестивал во преполната Sala Darsena, отворајќи ја престижната селекција „Хоризонти“.
Првите критики по премиерата во Венеција го оценија „Мајка“ како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“. Овој исклучителен прием претставува уште еден голем успех за македонската кинематографија – во Венеција беше прикажан филм што се наметнува со интернационален јазик, естетика и релевантност.
„Мајка не е класичен биографски филм, туку обид да се прикаже една жена – Мајка Тереза – како сложена, повеќеслојна личност, далеку од клишеата на насмеаната светица.
Доаѓајќи од истата земја и град, чувствував длабока поврзаност со историскиот лик – и восхит кон нејзината храброст и решителност. Но, се запрашав: зошто мажите во историјата сме ги претставувале во најразлични светла, славени и во нивното добро и лошо, а жените речиси секогаш еднодимензионално? Со „Мајка“ сакав да дадам нова
перспектива, и да портретирам женска историска фигура прикажана без идеализации, туку со својата автентична сила, амбиција и противречности.
Во таа смисла, „Мајка“ е филм за слободата – и за храброста на една жена да биде различна, и покрај сите ограничувања на своето време.“ – изјави Теона Стругар Митевска за време на пресс конференцијата во Palazzo del Casino.
Актерската екипа ја сочинуваат и Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик, Силивија Хукс како сестра Агнешка, како и Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска. Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарaгиќ, додека зад камерата стои наградуваната белгиска директорка на фотографија
Виржини Сен-Мартин (SBC).
Номи Рапас, пак, рече: „Прифаќањето на оваа улога беше неверојатен предизвик и патување. Со месеци живеев со „Мајка“ во мене, низ многу емоции и внатрешни битки. Се нурнав во нејзиниот свет преку истражувања – читав многу, и позитивно и негативно, ги проучував нејзините писма, Библијата и Куранот, се обидував да го разберам времето и
местото во кое делувала. Она што го гледате на екранот е мојата Тереза – не копија, туку обид да ја пронајдам вистинската личност зад митот.
Соработката со Теона беше апсолутно прекрасна. Имавме искрена и силна врска, работевме без его и ја создадовме нашата Мајка Тереза заедно. Тоа беше двегодишно патување кое ми донесе нови перспективи и длабоко ме збогати.“
Уште пред премиерата, „Мајка“ беше продаден за кино-дистрибуција во над 15 европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска и Белгија.