Со гала концерт на фолклорни ансамбли од повеќе држави од светот,вчера вечер на плоштадот „ Ангел Винички“ се заокружи уште едно издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здавоживо“, во организација на ФА „КИТКА“ од Истибања а под покровителство на Општина Виница и Министерството за култура.
Фестивалот започна на 07.09.2024 година, со свечено отворање во с.Истибања од страна на градоначалникот на Општина Виница Миле Петков, и траеше пет дена.
Лидерите на фолклорните ансамбли од Чешка, Украина, Мексико, Косово, Бугарија, Србија, Казахстан и Македонија,вчера остварија средба со градоначалникот на Општина Виница Миле Петков.
Општина Виница со задоволство е дел од овој фестивал бидејќи го препознава значењето на негување на културната традиција на еден народ, го цени промовирањето на македонскиот фолклор кое токму членовите на Фолклорниот ансамбал „Китка“ во изминативе 39 години го прават низ многубројните настапи во државите ширум светот.
Благодарение на ваквите настани се потсетуваме на убавината на изворните македонски песни и ора, на нашата традиција, на корените, но посебно сме задоволни што претставниците од различни држави имаа можност да го запознаат нашиот менталитет и со нивното присуство во нашата општина овие неколку денови допринесоа кон заживување на целиот регион.