Јавното претпријатие за државни патишта ја комплетира реконструкцијата на делницата од регионалниот патен правец Р1304, од месноста Превалец кон влезот во Виница.
Градежните работи ги изведуваат работници и механизација на ЈП „Македонијапат“ кои се ангaжирани на преасфалтирање на коловозот во должина од околу еден километар и ширина од шест метри, од хотелот „Слив“ до крстосницата со магистралниот пат А3.
За реконструкција на последната фаза од патниот правец Јавното претпријатие инвестира седум милиони денари, а се очекува преасфалтирањето да се комплетира за неколку дена. Претходно беа заменети оштетените и дотраени сообраќајни знаци и патокази, а по завршувањето на градежните работи ќе се обнови и хоризонталната сигнализација.
Пред неколку месеци беа реконструирани уште околу два километра од делницата, на делот од влезот во Виница кон мостот на реката Брегалница, а целата инвестиција чини над 20 милиони денари.