Репрогласувањето на Националниот парк Маврово е во застој, откако, по изработката на Студијата за ревалоризација и нацрт-законот, прекинаа активностите за изработка на предлог закон. Од Министерството за животна средина велат дека во моментов имаат други приоритети како што е усогласувањето на правната рамка со европското законодавство, по што на ред ќе дојде и ова прашање. Изработката на предлог-законот за репрогласување на Маврово за национален парк ќе треба да го почека донесувањето на законите за природа, за контрола на индустриските емисии, за климатска акција, како и измените на законите за животна средина и за води.
Студијата за ревалоризација на НП Маврово е веќе завршена, а спроведени се и дебати, но јавни расправи се обврска само кога ќе биде готов предлог- законот. Не е почнат да се работи ниту десетгодишниот План за управување со националниот парк, а средствата кои беа за таа намена се повлечени.
„За Планот на управување со НП Маврово беа планрани средства од страна на фондацијата Глобална конзервација којa во декември минатата година се откажа од финансирање затоа што немаше прогес во постапката за прогласување. Засега други средства не се обезебдени“, велат од Министерството.
Директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими вели дека застојот во репрогласувањето на паркот нема ништо да смени во заштитата на природата бидејќи таа е веќе воспоставена и се практикува. За него, поголем проблем е како да се заштитат луѓето од населените места кои гравитираат во паркот. Ибраими смета дека со предвидените активности во Социо-економската студија не се нудат можности за нив и дека на тој начин нема да се спречи иселувањето.
„Со 26 отсто строго заштитено подрачје нема да постигнеме ништо. Каде и како ќе развиваме туризам, рекреација или сточарство. Никој не може да преживее од собирање шумски плодови, а и откупните цени се ниски. Целта треба да ни биде да понудиме можности, а не сѐ да забраниме. Мислам дека треба прво градиме, а потоа да заштитуваме“, вели Ибраими.
За него не е проблем и да продолжат изградбите на мали хидроцентрали во рамките на паркот, се додека тоа се прави законски и се почитуваат условите за опстанок на биодиверзитетот. Смета дека слабата инспекциска контрола на инвеститорите може да се надополни со видео надзор на коритата на реките.
„Јас не се залагам за бетонизација, но не се согласувам ниту со забраната на сите активности во зоната на строга заштита. Прашање е колку репроглесувањето на националниот парк ќе ги реши проблемите на луѓето. Мора да има нешто што е во склад со природата, а што може да се гради“, вели Ибраими.
Од граѓанската организација „Еко свест“ велат дека нема никакви правни пречки репрогласувањето на НП „Маврово“ да продолжи. Сметаат дека сега, после толку години откако конечно процесот повторно отпочна и е изработена нова Студија за ревалоризација не треба да се чека бидејќи постои голема можност по втор пат да се повтори истото неуспешно сценарио на репрогласување на паркот.
„Актуелниот Закон за природа веќе пропишува јасна правна рамка, според која и беа репрогласени НП Пелистер и НП Галичица во 2007, односно 2009 година. Тогаш, НП Маврово не успеа да го заврши процесот на репоргласување, иако беше изготвена Студијата за валоризација. Репрогласувањето на заштитеното подрачје значи дека неговото управување ќе се врши според јасен план за управување, кој прецизно ќе ги дефинира целите, приоритетите и мерките за заштита на екосистемите, видовите и живеалиштата, како и начинот на регулирање на човечките активности за да се одржи рамнотежата помеѓу заштитата на природата и одржливиот развој“, велат од „Еко свест“.
Посочуваат дека без репрогласување мали се надежите дека во Маврово нема да продолжат да се мултиплицираат проблемите кои толку многу ескалираа во последниве години. Конечното репрогласување, исто така, ќе отвори можност за паркот да соработува со меѓународните донаторски организации за заштита на природа кои се присутни во регионов и во другите паркови во земјава, што само ќе донесе унапредување на процесите на управување и заштита.
Според обновената Студија за ревалоризација, повеќе од половина од површината на Националниот парк „Маврово“ ќе биде зона на строга заштита и активно управување, а остатокот зона на одржливо користење и тампон зона. Ова е зголемување за над 20 отсто на најстрого заштитените делови на паркот, во споредба со истиот документ што беше изработен во 2012 година. Студијата, која беше завршена во декември 2023 година, утврдува и нови надворешни граници на националниот парк, со кои неговата површина се зголемува за над 1.000 хектари.
Научните истражувања кои беа спроведени за потребите на Студијата во текот на 2023 година потврдиле присуство на 14 единки на балканскиот рис, 130 мечки, стабилна популација на волци, како и една од најголемите популации на пеперутката бакарец, загрозен вид кој се наоѓа на црвените листи под строга заштита. Во националниот парк во изминативе десетина години се зголемила и површината под шуми од 30.600 на 36.200 хектари, како и количината на дрвна резерва. Тука се наоѓа и најголемата природна популација на див костен со голем број на столетни дрвја.