22.5 C
Vinica
вторник, јули 1, 2025

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Проф. д-р Ана Селамовска: Дозирањето со пестициди e оставено на совеста на земјоделецот

    Во земјоделството, неретко земјоделците користат прекумерни дози пестициди за да го заштитат родот и да го зголемат прозводството. Тоа е причина да појавата на случаи кога земји-членки на Европската Унија, ги враќаат пратките со овошки или зеленчук при извоз, бидејќи се утврдува присуство на пестициди во дози над дозволените, или пак, пестициди кои во ЕУ се забранети за употреба. Последен таков случај кој го регистрирал RASFF, системот за брзо предупредување за храна на ЕУ, беше кога беа откриени остатоци од имидаклоприд во кељ, кој од земјава требало да заврши на хрватскиот пазар.

    Колку се безбедни за јадење овошјето и зеленчукот што ги купуваме? Од каде е најдобро да се купува – во маркет, на пазар или од индивидуални земјоделци по селата? На овие и други прашања, одговори побаравме од проф. д-р Ана Селамовска од одделението за овоштарство, редовна професорка на Земјоделскиот институт при УКИМ, која предава на втор циклус студии по предметот Органско и биодинамично производство на овошни култури.

    Фото: Проф. д-р Ана Селамовска

    Koлку македонските земјоделци внимаваат при употребата на песитциди во овошките? Дали тоа некој го контролира? 

    Моето мислење е дека земјоделците се свесни за прекумерната употреба на пестицидите врз здравјето на човекот. Впрочем, оттаму произлегува и интересот и практикувањето на органско производство, посебно кога се работи за производство кое ги задоволува сопствените потреби. Земјоделците знаат дека овошките не треба да се прскаат во фаза на созревање на плодовите, посебно на оние плодови во кои директно би се впиле штетните материи како јагодести, коскести, јаболчести овошни видови. Стручните служби при МЗШВ, институтите, професорите постојано апелираат за контролирана употреба на пестициди. Со практикување на дигитално, смарт-земјоделство, се очекува да се врши навремена и контролирана употреба на пестицидите. Постојано се врши едукација на таа тема, но сепак, засега сѐ се сведува на етичката и морална одговорност на земјоделскиот производител.

    Дали имате сознанија, колку често се случува при извоз на овошје произведено во Македонија, некоја земја-членка на ЕУ да ни го врати, поради присуство на пречекорено ниво на пестициди? И каде потоа завршува тоа овошје, дали на уништување, или на нашиот пазар? 

    Не работам во организација која поседува такви податоци, но знам неколку примери. Пред неколку години беа вратени праските од Росоман кои беа наменети за пазарот во Русија, поради поголемо количество на пестициди, како и јаболки кои беа наменети за пазарот во Чешка. Претпоставувам дека плодовите завршуваат на нашиот пазар.

    На што треба да внимаваме при изборот на овошје? Дали да избереме совршено на изглед јаболко, или јаболко со дамки, дупчиња..?

    Најубаво би било кога плодовите се здрави, но дозирано прскани. Да не се залажуваме, сите плодови се прскаат, но некои помалку, некои повеќе. Дури и органски произведени плодови се прскаат, но употребата на пестициди е минимална и контролирана. Доколку овошните култури се произведени од здрав саден материјал, добро се негуваат и прихрануваат во старт ќе добиете растенија кои даваат поздрави плодови.

    Од каде да купуваме овошје, кое овошје е најбезбедно кај нас? Дали на пазар, во маркет или, пак, директно од индивидуални земјоделци? 

    Изборот е сопствен. Доколку знаете дека овошјето е произведено без многу прскање, нормално ќе купите од пазар. Најчесто, на пазар се продава овошје од производители кои имаат мало производство кои ги задоволува сопствените потреби, па оттука претпоставувам дека производителот не се осудува премногу да го прска овошјето. Од друга страна, во маркетите нема декларација за производот, ниту за неговиот нутриционен состав, ниту за здравствено-безбедносната состојба, како што е тоа во земјите во Европската Унија. Најчесто трговците поттикнати за брза заработувачка, го занемаруваат овој факт и тргуваат и продаваат овошје за кое нема соодветна декларација. За жал, кај нас не можеме да се заштитиме од несовесни производители и трговци. Исто така, ние увезуваме овошје од други земји. За увоз на плодови од Косово, Албанија не сум сигурна дека се здравствено безбедни, дискутабилно е дали тие плодови се тестирани. При увоз на плодови од земји членки на ЕУ има строги правила за употребата на пестициди. Оттука, прозлегува потребата за поттикнување на сопствено производство, барем за оние овошни видови за кои има идеални услови за нивно одгледување во нашата земја.

    Кои региони во државата се „најчисти“, во однос на нетретирани со пестициди во голема мера? 

    Во услови кога има загадување на почвата, водата и воздухот, тешко е да се зборува за здравствено-исправни плодови. Но, сепак, сè уште нетретирани овошки се самоникнатите овошни видови, кои се сретнуваат по планините и во руралните средини. т.е онаму каде што профитот не предничи. Како региони во таа смисла, најчисти се беровскиот, кривопаланечкиот односно регионот на источна Македонија.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica