Денес, претседателот на Државната изборна комисија, Проф. Д-р Александар Даштевски присуствуваше и се обрати на настан организиран од Охридскиот институт на кој што се потпиша Декларацијата за фер, слободни и демократски избори и против говорот на омраза, од страна на младинските крила на политичките партии.
Целта на оваа декларација беше обединување на младинските крила на политичките партии и нивно обврзување јавно да промовираат слободни и фер избори и да го отфрлат говорот на омраза.
Претседателот Даштевски даде поддршка на младите политичари и ја нагласи важноста на овој настан и посветеноста на нашите институции за негување на демократската култура.
„Младите се иднината на нашата држава, а нивната вклученост во обликувањето на нашите изборни процеси е клучна. Со потпишувањето на оваа декларација, нашите млади лидери не само што се обврзуваат на почитување на принципите на демократијата, туку и ветуваат дека ќе се погрижат гласот на секој граѓанин да биде слушнат и секој глас да биде важен. Слободните и фер избори се камен-темелник на секоја демократија. Кога изборите се спроведуваат на транспарентен и непристрасен начин, тоа ја поттикнува довербата во демократскиот процес и го зајакнува социјалното ткиво на нашето општество.“- се обрати пред младите Даштевски.
Даштевски апелираше за почитување на оваа декларација бидејќи со превземањето на вакви храбри чекори од страна на младите крила на политичките партии не само што се обезбедуваат слободни и фер избору туку на тој начин напредува и демократијата во нашето општество.
„Додека одиме напред, да не ја изгубиме од вид огромната одговорност што доаѓа со оваа декларација. Треба да работиме неуморно на елиминирање на каква било форма на изборна злоупотреба, вклучително и заплашување на гласачи, поткуп или какви било други обиди за поткопување на темелите на изборниот процес.
Исто така, да се стремиме да создадеме инклузивна средина која поттикнува учество од сите сегменти на општеството, вклучително и маргинализираните заедници и недоволно застапените групи. Секој граѓанин мора да се чувствува слободен да го искористи своето демократско право без страв или дискриминација.
Како заклучок, би сакал да ги пофалам младинските крила на нашите политички партии за нивното лидерство и визија во преземањето на овој храбар чекор кон обезбедување слободни и фер избори. Да ја почитуваме оваа декларација не само со зборови, туку и со дела, додека продолжуваме да градиме иднина во која ќе напредува демократијата и ќе се слуша гласот на секој граѓанин.“- додаде Даштевски.