17.4 C
Vinica
среда, октомври 9, 2024

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Одбележување на Светскиот ден на пчелата 2023: Сите зависиме од опстанокот на пчелите

    Во пресрет на Светскиот ден на пчелите, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО) ги повикува државите и поединците да направат повеќе напори за да ги заштитат пчелите и другите опрашувачи со цел да се заштитат екосистемите и да се обезбеди сигурност на храната.

    Пчелите се под голема закана од повеќе фактори, како климатските промени, интензивното земјоделство, употребата на пестициди, губењето на биолошката разновидност и загадувањето.

    Под слоганот „Пчелата дел од земјоделско производство кое е погодно за опрашувачите“, Светскиот ден на пчелите 2023 година има за цел да ја подигне свеста за важноста од примена на земјоделски практики  кои се погодни за пчелите и другите опрашувачи, а истовремено придонесуваат за отпорноста, одржливоста и ефикасноста на земјоделско-прехранбените системи.

    Амбасадата на Република Словенија и Земјоделскиот институт-Скопје, во соработка со општина Гази Баба и ФАО, денеска го одбележаа Светскиот ден на пчелите со фокус на младите. Настанот, кој се одржа во Земјоделскиот институт, ја подигна свеста на учениците за виталната улога на пчелите во одржливото производство на храна, зачувувањето на природата и зачувувањето на животот на Земјата. Две жени, пчелар и ентомолог, им покажаa на децата од основните училишта во општина Гази Баба како функционира еден семеен бизнис кој произведува природен мед. Тие, исто така, им ги објаснија разликите помеѓу пчелите и другите опрашувачи, придобивките од опрашувачите и што се подразбира под здрави живеалишта на опрашувачите. Преку дегустација на мед, децата научија за различните видови мед произведени од различни видови пчели. Дополнително, учениците ги изразија своите новооткриени сознанија за важноста на пчелите преку ликовна активност на оваа тема. Настанот заврши со посета на пчеларникот на Земјоделскиот институт, донација од Република Словенија.

    ‘’Чест ми е да ве поздравам сите во нашиот Институт како домаќин на оваа специјална прослава на Светскиот ден на пчелата. Денеска се собираме да ја препознаеме непроценливата улога што пчелите ја играат во нашиот екосистем и да ја истакнеме критичната важност на нивната благосостојба за нашите земјоделски системи, изјави Виктор Ѓамовски, директорот на Земјоделскиот институт – Скопје. Пчелите, тие мали, но прекрасни суштества, неуморно ги опрашуваат нашите култури, овозможувајќи раст на овошје, зеленчук и безброј други извори на храна кои нè одржуваат. Тие се неопеани херои на нашите полиња и овоштарници, кои тивко ја работат својата магија за да обезбедат нашите чинии да се наполнат и нашите заедници да напредуваат’’ – потенцираше Ѓамовски.

    „Пчелите и другите опрашувачи се клучни за глобалната безбедност на храната. Секоја трета лажица што ја јадеме зависи токму од нив“, рече В.Д Амбасадорката на Словенија, г-а Татјана Ковачич во нејзиниот воведен говор. „Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата е можност за глобална соработка, соработка меѓу нашите две пријателски земји и солидарност за заштита на пчелите“, рече таа, поздравувајќи ги младите и поканувајќи ги да уживаат во овогодинешниот Светски ден на пчелата во Скопје.

    „Опрашувачите како пчелите, птиците и лилјаците придонесуваат за 35 отсто од вкупното светско растително производство, опрашувајќи 87 од 115 водечки прехранбени култури ширум светот“, рече Кристина Митиќ Арсова, национален тим лидер на ФАО. Сепак, пчелите и многу други опрашувачи се намалуваат. Интензивното земјоделско производство и прекумерната употреба на пестициди претставуваат сериозна закана за пчелите и другите опрашувачи, го намалуваат нивниот пристап до храна, ги изложуваат на штетни хемикалии, го ослабуваат нивниот имунолошки систем и негативно влијаат на биодиверзитетот. „Светскиот ден на пчелите е можност за сите нас да промовираме акции кои ги штитат опрашувачите и нивните живеалишта. Дури и одгледувањето цвеќиња дома за да се хранат пчелите придонесува за овој напор“, додаде таа.

    “Општина Гази Баба иако е најразвиена општина во Град Скопје, во основа е рурална општина, богата е со зелени и земјоделски површини на кои пчелата навистина им е потребна. Го поддржуваме Светскиот ден на пчелата и оваа традиционална манифестација помеѓу Земјоделскиот институт, Амбасадата на Република Словенија и ФАО. Веруваме дека учениците од општина Гази Баба ќе стекнат убави искуства во значењето на пчелата за животот на планетата Земја и производството на мед и оваа манифестација ќе продолжи како традиција” – изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

    Словенија, заедно со ФАО, беше клучна во воспоставувањето на Светскиот ден на пчелата како меѓународен ден преку резолуцијата на Генералното собрание на ОН усвоена во 2017 година. Официјалната церемонија за првиот Светски ден на пчелата се одржа во 2018 година во словенечкото село Брезница, родното место на Антон Јанша, пчелар и пионер на модерното пчеларство. Неговиот роденден, 20 мај, беше избран да се одбележува секоја година како Светски ден на пчелите.

    Корисни линкови:

    Веб-страница за Светскиот ден на пчелите

    https://www.fao.org/world-bee-day/en/

    Видеа

    Плејлиста за Светскиот ден на пчелите

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.