Кога телефонот не се користи и е поставен во одредена позиција, на него ќе се прикажуваат корисни информации
Нема уште многу време до претставувањето на наредните генерации од оперативните системи од Apple. Тоа ќе се случи на 5 јуни, на главната презентација од WWDC 2023 конференцијата.
Што ново се очекува кај овие системи, како и секогаш се дознава неофицијално, а тоа е случајот и со новата информација за iOS 17.
Според Марк Гурман, Apple планира да го искористи екранот на iPhone во ситуациите кога телефонот е поставен на полнач и е во вертикална позиција. Во овој случај екранот треба да биде „претворен“ во паметен екран на кој ќе се прикажуваат повеќе важни информации за корисникот.
Како пример се даваат информации од календарот, временската прогноза, известувања и повеќе, нешто што е слично со неколку вакви функции кај Android.
Се додава дека од компанијата планираат нешто вакво и за iPad, но наводно тоа не треба да се очекува со iPadOS 17, но затоа се надеваме дека конечно ќе бидат донесени новините поврзани со „заклучениот екран“ од iOS.
Нешто слично направи Google со нивниот нов Pixel Tablet, кој дури доаѓа со звучник станица за полнење, па кога корисниците ќе го постават таблетот на станицата, тој се претвора во контролен центар за домот.