Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска оствари средба со претседателот на парламентарната група Јосип Јуратович (СПД), претставници на Германскиот Бундестаг, и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер во нашата земја.
На состанокот се разговараше за темите поврзани со европските интеграции на Република Северна Македонија, со фокус на поддршката од страна на Владата на Сојузна Република Германија и други актуелни теми.
Вицепремиерот Маричиќ изрази огромна благодарност на германскиот Бундестаг за усвоената резолуција поднесена од пратениците од владејачката коалиција на германската Социјалдемократска партија (СПД), која служи како вреден инструмент за продлабочување на заедничката секторска соработка, како и за активната и долгогодишната поддршка на Германија која континуирано и ја дава на Република Северна Македонија за пристапување во Европската Унија со сопствен македонски идентитет, јазик, култура и историја.
На состанокот Јуратович, ја потврди цврстата поддршка на Германија за Северна Македонија кон евроинтеграцискиот пат, за кој нагласи дека државата треба да продолжи одлучно напред се до исполнување на стратешката цел членство во Европската Унија. Јуратович потенцираше дека Германија, Северна Македонија ја гледа како дел од Европската Унија, како земја чии аспирации и напредок заслужено треба да бидат наградени со членство во големото европско семејство.
На крај на средбата соговорниците ја потврдија одличната билатералната и економската соработка меѓу двете земји, и дека Германија е најголем и клучен трговски партнер на Северна Македонија.
По завршувањето на средбата Вицепремиерот Маричиќ и претседателот на парламентарната група, Јуратович, ќе дадат заеднички изјави со почеток во 16:15 часот, во просториите на Секретаријатот за европски прашања