3.7 C
Vinica
петок, ноември 22, 2024

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Херојството на предците испреплетено со евроинтеграции, демократија и спротивставување на уцени во пораките на политичарите

    Пендаровски: Да ги зачуваме придобивките на антифашистичка генерација со демократска и функционална правна држава

    Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, во која порачува дека „за да ги зачуваме придобивките на славната антифашистичка генерација, мора да ја градиме Северна Македонија како демократска и функционална правна држава, со еднаквост пред законите и еднакви можности за развој и за напредок за секој нејзин граѓанин“.

    Слободата и правдата, посочува претседателот, се идеали што ја придвижуваат човековата историја. Понесени од овие идеали, на 11 октомври 1941 година, 16 млади борци од прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ ги нападнаа симболите на фашистичката окупаторска власт и го означија почетокот на македонската народноослободителна и антифашистичка борба.

    – Со овој чин, македонскиот народ и македонските граѓани станаа дел од големата антихитлеровска коалиција. Слободољубивите мажи и жени од сите етнички, верски, социјални и идеолошки позадини се обединија во широк народноослободителен фронт во кој се бореа и изборија за слободна македонска држава во свет ослободен од злото на фашизмот. Носители на таа праведна борба беа младите луѓе. Од првите партизански одреди, па сè до државотворниот АСНОМ, младите споделуваа специфична визија за општото добро што ја вградија во темелите на државата. Тие сонуваа за слободно, праведно и солидарно општество во коешто секој негов член ќе има достоинствен живот – наведува шефот на државата.


    Ковачевски: Како и македонските борци за слобода да останеме цврсти и обединети по европскиот пат

    Премиерот Димитар Ковачевски упати честитка по повод државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание порачувајќи „како и македонските борци за слобода, едни до други, да останеме цврсти и обединети по европскиот пат напред и да создадеме иднина за следните генерации“.

    Благодарение на успехот во НОБ, посочува премиерот, постои денешна, современа и независна, демократска, евроатлантска Македонија. Затоа, како што вели, 11-ти октомври 1941-та година, кога започнува македонското народноослободително антифашистичко востание, бил, е и ќе биде секогаш на светлите страници на македонската историја.

    -Македонските борци, со непокорот уште од 1903 година и успехот во Народноослободителната борба во 1944 година, го трасираат патот до слободата и државноста, но и на македонскиот напредок.Исто како партизаните, едни до други и едни со други, да останеме цврсти и обединети по патот напред. Да ја внесеме државата во ЕУ и да ги донесеме европските стандарди во родната земја. Да одговориме на аманетот и нашата света должност – денес ние, да создадеме иднина за следните генерации – порача во чест на денешниот државен празник, премиерот Ковачевски.


    Мицкоски: 11 Октомври е светол датум кој Македонија ја прави победник

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го честита државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, порачувајќи дека „ова е светол датум кој Македонија ја прави победник, како и денешниот ден да не го заборавиме“.

    Мицкоски истакнува дека е важно, како што наведува, „да ја почитуваме и учиме историјата, за да научиме од грешките, да бидеме обединети и сплотени, да го слушаме гласот на народот и да се спротивставиме на оние кои распродаваат, преговараат и уценуваат“.

    -Важно е да не заборавиме, да се сеќаваме и да почитуваме! Важно е да не ги заборавиме сите наши борби за независна Македонија. Важно е да се знае дека 11 Октомври е продолжение на илинденската борба за слобода, ден кој е почеток на борбата против фашизмот. Важно е да не се заборави дека овој ден е почеток на борбата на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор. Оваа битка беше финалето на борбата што ќе ни ја донесе независна Македонија. Да не ги заборавиме борците во оваа војна кои го дадоа својот живот за независна и слободна Македонија. За горда Македонија, за држава што е татковина на македонскиот народ и останатите кои застанаа на страната против фашизмот, вели Мицкоски во честитката.

    Да веруваме, дополнува тој, во нашите „борби“ бидејќи историјата покажува дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна. На страната на правдата, за оние кои веруваат во вредности, и оние што веруваат во слободата, во заедничкиот живот и патриотизам“. Важно е да ја почитуваме и учиме историјата, за да ги научиме од грешките, да бидеме обединети и сплотени, да го слушаме гласот на народот и да се спротивставиме на оние кои распродаваат, преговараат и уценуваат. 11 Октомври е светлиот датум кој Македонија ја прави победник. Важно е денешниот ден да не го заборавиме, почитуваме и се поклониме. Честит 11 Октомври! Да живее слободна Македонија, стои во честитката од Мицкоски.


    Џафери: Сплотеност за стабилна иднина

    Претседателот на Собранието Талат Џафери го честита 11 Октомври – Денот на народното востание, повикувајќи на сплотеност и единственост во одбрана на достоинствениот и еднакво добар и квалитетен живот за сите, како и во одбрана на стабилната и сигурна иднина за идните поколенија.

    -Денес, кога граѓаните на Република Северна Македонија, ги уживаат благодатите што ги нуди слободата и слободното изразување на мислите, ставовите и гледиштата, не можеме да ги пренебрегнеме жртвите, влогот и пред сѐ, идеалите што ги водеа сите тие знајни и незнајни јунаци кои во ниту еден миг не се двоумеа да застанат на вистинската страна, на страната на правдата, на страната на доброто наспроти злото. Со јасна цел пред себе, тргнаа во одлучна борба против фашизмот, против окупацијата, насилството, поделбите, понижувањето и дискриминацијата помеѓу луѓето. Таа битка се доби меѓутоа, за жал, битките секојдневно продолжуваат во други димензии од животот и предизвикот е секојдневно сѐ поголем. Ужасните вести што ги слушаме од блиските и далечните региони се аларм и потсетник дека мирот е кревок и треба да се негува, да се чува и штити, внатре и надвор. Секогаш сплотени и единствени, како граѓани и како човечки суштества, секогаш да застанеме во одбрана на достоинствениот и еднакво добар и квалитетен живот за сите. Секогаш во одбрана на стабилната и сигурна иднина за идните поколенија. Драги граѓани, Ви посакувам да имате убав празничен ден – наведува Џафери во честитката.


    Спасовски: 11 Октомври е симбол на македонскиот непокор, таа борба и денес го поттикнува нашето обединување

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати честитка по повод 11 Октомври Денот на македонското востание истакнувајќи дека аманетот од борците за слобода е завет за градење современа, демократска и европска држава.

    Како еден од најзначајните датуми во македонската историја, наведува Спасовски во честитката, 11 Октомври е паметник за вистинската одлука на македонскиот народ – да пристапи кон антифашистичката коалиција, да застане на страната на цивилизираното и прогресивно човештво, да крене востание како почеток на народното ослободително движење. 11 Октомври е симболот на македонскиот непокор, на херојството и на слободарскиот дух на нашите предци од кумановските партизански одреди, односно Козјачкиот и Карадачкиот, како и од Прилепскиот партизански одред.

    – Во чекор со глобалното антифашистичко движење, со идеалите за слобода, рамноправност и сувереност, таа борба за самобитност и самостојност како Македонци нѐ доведе до сопственото ослободување. И токму таа борба и денес го поттикнува нашето обединување, без разлика на партиската, верската или етничката припадност. Бидејќи и овој пат сме на вистинската страна – посочува министерот Спасовски.

    Тој истакнува дека денеска, како чин на највисок патриотизам, ја градиме татковината врз демократските вредности, почитувајќи ги вредностите на сите заедници во земјата, на народите во регионот и во Европа, како најголема цивилизациска придобивка. Денеска, оценува министерот, Република Северна Македонија е бедем на безбедноста во регионот, затоа што успеавме да го одржиме аманетот на предците и останавме на прогресивниот пат.

    – Во свое и во име на МВР, оддавам длабока почит кон борците за слобода, кон оние кои дадоа сѐ во народноослободителната војна, во борбата за самобитност и самостојност, за да можеме како Македонци да го дочекаме нашето ослободување. Нивниот аманет за мене е завет – за градење на современа, демократска и европска држава. Како Македонци станавме дел од НАТО, како Македонци ќе се приклучиме и кон европското семејство како наша одредница. Нека биде ова цел за обединување, за сплотување – за нас, во чест на претходните, а како оставина за сите идни генерации. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври! Да живее Република Северна Македонија – стои во честитката.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.