На официјално отворање на конзулатот во присуство на министри, претставници на бизнис заедницата, на дипломатскиот кор, пријатели и деловни соработници, се обрати државниот секретар во норвешкото МНР, Ајвинд Вад Петерсон кој го потенцира одбележувањето на 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји, кои, како што рече, станаа соседи по азбучен ред во именувањето во меѓународните организации откако државава го промени името.
Почесен Конзулат на Кралството Норвешка денеска беше отворен во просториите на „Алкалоид АД“ Скопје, чиј генерален директор Живко Мукаетов ќе ја врши функцијата на почесен конзул во земјава.
Тој нагласи дека тридецениското партнерство меѓу двете земји е исполнето со разновидна соработка, ги поздрави напорите на земјава како претседавач на ОБСЕ, сојузништвото во НАТО. Петерсон ја истакна и поддршката за членство на земјата во ЕУ, подвлекувајќи дека Норвешка е најголем билатерален донатор на Инвестициската рамка за Западен Балкан преку која од 2019 година се поддржани 29 проекти во Северна Македонија во вредност од 2,6 милиони евра кои придонеле за отворање нови работни места, но и за унапредување на услугите во области како образование, здравство.