Официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведуваат вонредни засилени контроли пред велигденските празници.
Во рамки на 350 надзори на операторите со цел спречување на пласирање на небезбедна храна и нелегална трговија со јајца, бои за јајца во пресрет на велигденските празници, како небезбедни уништени се 1230 килограми различни видови производи, најмногу месо, преработки и подготовки од месо, но и јајца, бои, мед, ракија, маслиново масло и други призводи.
За утврдените недоследности со вонредните контроли изречени се казни во висина од 3650 евра во денарска противвредност и издадени се 22 решенија со наредби за нивно отстранување.
Во услови на зголемена побарувачка на храна пред претстојните празници, апелираме до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да пазарат само од одобрени регистрирани оператори за храна кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата. Да се внимава на декларациите на производите, нивното означување и рокот на употреба и температурниот режим на чување, особено на леснорасипливите, бидејќи во спротивно тие може да бидат небезбедни за граѓаните.