САД од 1 август ќе воведат високи царини за увозот од најмалку 14 држави, меѓу кои се и две држави од Западен Балкан – Србија и Босна и Херцеговина. Претседателот Доналд Трамп сподели копии од официјални писма наменети за лидерите на тие земји, во кои се наведуваат новите царински стапки како дел од обновената политика на „реципрочни давачки“.
Според документите што Трамп ги објави на социјалната платформа Truth Social, увозот од Србија во САД ќе биде обремен со 35 отсто царина, а оној од Босна и Херцеговина со 30 отсто. Во писмата се наведува дека „овие стапки се дел од напорите за воспоставување пореципрочни трговски односи и за справување со националната криза предизвикана од огромниот трговски дефицит на САД“.
Писмата исто така предупредуваат дека секој обид за пренасочување на стоките преку трети земји (т.н. транзитна испорака) за да се избегнат царините, ќе резултира со примена на повисоката царинска стапка.
Во официјалното соопштение на Белата куќа се нагласува дека „Трамп ја користи царинската политика како моќна алатка за заштита на економскиот суверенитет на САД“. Се додава дека некои земји ќе добијат повисоки, а други пониски стапки во однос на оние најавени на 2 април, т.н. „Ден на ослободувањето“. Белата куќа го оцени потегот како неопходен чекор против „некоректни трговски практики“ кои, според нив, ги поткопуваат американските работници и индустрии.
Во вчерашната изјава, Трамп најави и дека ќе воведе дополнителни 10 отсто царини за сите земји што се приклучуваат кон „антиамериканските политики“ на групата БРИКС. Тој не прецизираше кои политики се сметаат за такви, но изрази цврста намера дека нема да има исклучоци. Засега не е познато дали Македонија ќе добие царинско писмо, и покрај тоа што неодамна донесе одлука за укинување на увозните давачки за сите производи од САД.
На 2 април за Македонија беше најавена вкупна царинска стапка од 33 отсто. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека станува збор за „грешка или погрешна информација“, а министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Вашингтон се сретна со државниот секретар Марко Рубио, по што Владата објави укинување на давачките за американски производи од 1 јули. Иако тоа може да се толкува како позитивен чекор, останува неизвесно дали Вашингтон ќе испрати ново писмо до Скопје.
Трамп повторно ја користи царинската политика и како надворешнополитичка алатка, предупредувајќи дека „ако некоја земја реши да воведе царини врз американски производи како одговор, ќе ѝ бидат додадени дополнителни давачки од ист обем врз нејзиниот извоз во САД“. Истовремено, тој најави дека ќе нема царини за компаниите кои ќе го префрлат производството на американско тло.
Од април наваму, администрацијата склучи само три трговски договори со Обединетото Кралство, Кина и Виетнам и покрај ветувањето дека ќе се постигнат 90 договори за 90 дена. Царините од 10 отсто, кои беа привремено намалени како дел од 90-дневниот мораториум, требаше да истечат на 9 јули, но Трамп вчера потпиша нова извршна наредба со која нивната примена се одложува до 1 август.
Целта, според Белата куќа, е да се создаде „нова златна ера за американскиот народ“ преку фер трговија и урамнотежени односи. Но експертите предупредуваат дека овие царини може да резултираат со зголемени цени за потрошувачите и да ја намалат конкурентноста на американските компании.