Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се сретна со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, амбасадорот Михалис Рокас, соопшти НБРСМ. Средбата се одржа во контекст на тековните економски предизвици и последиците од глобалните случувања врз европската и домашната економија, со акцент на најновите тензии на Блискиот Исток.
Во фокусот на разговорот беше улогата на централните банки во справувањето со инфлацијата. Иако инфлацијата на глобално ниво е во надолна траекторија, соговорниците заклучија дека ризиците и натаму се значајни. Особено се истакна влијанието на геополитичките тензии врз нестабилноста на светските пазари на примарни производи, што е особено важно за мали и отворени економии како македонската, каде голем дел од потрошувачката се однесува на увезени производи – особено храна и енергија.
Гувернерот Славески нагласи дека актуелната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите и ризиците, како надворешни, така и внатрешни. Тој потврди дека Народната банка внимателно ги следи сите клучни економски индикатори и е подготвена да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност, користејќи ги сите расположливи инструменти.
Двајцата соговорници ја истакнаа и стратешката важност на пристапувањето на Северна Македонија кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), што се смета за клучен чекор кон економска и финансиска конвергенција со Европската Унија. Се очекува дека ова членство ќе придонесе за зголемена конкурентност, финансиска вклученост и модернизација на домашниот финансиски систем.
На средбата беше подвлечено и дека Народната банка има континуирана и плодна соработка со Делегацијата на ЕУ, особено во делот на приближување кон Европскиот систем на централни банки, преку заеднички проекти, техничка помош и активности за јакнење на институционалните капацитети.