Со транспаренти на кои пишуваше „Ги изгоревте децата со вашата алчност и негрижа“, „Селективна одговорност е неодговорност, бараме правда!“, „Не умираме од несреќи, умираме од корупција“ и „Системот убива, институциите молчат“, денеска во Скопје се одржа протестен марш во организација на семејствата на жртвите од трагичниот пожар што на 16 март го зафати импровизираната дискотела „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 62 лица, претежно млади.
Маршот, наречен „Марш на ангелите“, започна пред зградата на Јавното обвинителство, а потоа продолжи пред зграда на Собранието. Родителите, роднините на загинатите и неколку стотици поддржувачи, меѓу кои и групи студенти, побараа одговорност за трагедијата, како и конкретни институционални мерки за да се спречат вакви катастрофи во иднина.
„Ние ве плаќаме. Напуштете ја оваа институција, одете си. Ги повикувам сите чесни војници, да си ја преземат граѓанската власт, имаме експерти од сите фели, МАНУ, сите тие ќе направат добар систем. Ова не бива вака, ова е крај на нашата држава. Уште колку деца треба да дадеме?“, изјави Владо Апостолов, родител на едно од загинатите деца, обраќајќи се до одговорните во обвинителството.
View this post on Instagram
Протестниот марш продолжи по скопските улици, преку плоштадот „Македонија“ па пред Собранието на Република Северна Македонија каде што учесниците побараа средба со претставници на законодавниот дом. Пред нив се симнаа пратениците од опозицискиот Социјал-демократски сојуз на Македонија заедно со претседателот на партијата, Венко Филипче, како и пратеникот на Левица, Борислав Крмов.
На денешниот Марш на ангелите, пред Собранието, една жена доживеа изблик на гнев и гласно се расплака во шок и неверување по што се струполи на земјата: „не можам да се смирам, и така сакаат да ме утепаат да не се дознае кој е крив“.
View this post on Instagram
Демонстрантите јавно побараа оставка од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а поставија и прашање зошто поранешниот премиер Зоран Заев сè уште не е повикан на одговорност за настаните кои, според нив, претставуваат резултат на долгогодишна неказнивост и институционална немарност.
Пред Собранието говореа мајките на настраданите млади во Кочани.
View this post on Instagram
Дел од семејствата остварија средба и со претставници на Јавното обвинителство. Деталите од тој разговор засега не се јавно објавени.
Од Собранието учесниците на маршот се упатија кон Министерството за внатрешни работи.
Овој марш претставува континуитет од граѓанските притисоци за расветлување на случајот со пожарот во „Пулс“ и казнување на одговорните за изгубените човечки животи. Семејствата на жртвите најавуваат дека нема да запрат со протестите додека не добијат правдата што ја бараат.