Вечерва, 26. јуни, во рамки на 46. издание на фестивалот „Скопско лето“ ќе се одржи концерт за деца насловен „Песна за жирафата“ во изведба на ансамблот „Консонанс“ со почеток во 20:00 часот во Сули ан.
Влезот ќе биде регулиран со влезници по цена од 300 денари (родител+дете), кои ќе може да се купат пред почетокот на настанот на влезот на Сули ан.
Во текот на музичката приказна, актерот толкувајќи го ликот на самиот композитор Ф. Ј. Хајдн, на еден мошне забавен и весел начин ќе ги едуцира децата за многу аспекти од класичната музика и инструментите кои се користат во нашиот ансамбл „Консонанс“.
Наменета за деца од различна ворзст, приказната ќе им ја разбуди љубопитноста за различните бои кои ги произведува еден жичан инструмент како што е виолината, или пак некој од дувачките инструменти како што се флејтата или пак кларинетот.
Во оваа музичка приказна преку приказна и интеракција, децата ќе можат да се заапознаат со музиката од периодот на класицизмот и да ги слушнат аранжманите напишани специјално за овој концерт, кои нè едуцираат за познатата музика на Ф. Ј. Хајдн изведена од квинтет сочинет од следниве инструменти: виолина, флејта, англиски рог, кларинет и бас кларинет. Сите овие инструменти се солистички инструменти кои можат да настапуваат и сами, но најчесто се употребувани во поголеми ансамбли, во голем симфониски оркестар, оперска и балетска музика.
„Консонанс“ ансамблот основан во 2007 година, е истакнат ансамбл кој на почетокот беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денеска во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој ансамбл.