Колумнистот на „Пешчаник“ Дејан Илиќ, бил повикан на разговор во полициска станица, пренесува „Н1“. Како што објавува медиумот, на Илиќ му било кажано дека мора да се појави во полициската станица во Нов Белград, бидејќи е осомничен за кривично дело „предизвикување паника“. Тој претпоставува дека причината за тоа е неговото гостување во „Н1“, од кое дел е изваден од контекст и објавен во дневниот весник „Политика“ под наслов „Преодна влада или крвопролевање“.
„Тие беа на мојата адреса околу 21 часот и 30 минути, но јас не бев таму. Потоа ме повикаа околу 22:30 да дојдам на разговор. Реков дека е доцна и дека не можам да му се јавам на адвокатот среде ноќ и дека ќе појдам следниот ден. Полицаецот рече дека разговорот мора да се случи веднаш“, опиша Дејан Илиќ.
Тој додава дека ова го поврзал со, како што вели, начинот на кој дневниот весник „Политика“ следи независни телевизии и извлекува изјави од соговорници кои може да се протолкуваат како закани.
„Политика вчера објави дел од тој разговор што го имав на 2 април на „Н1“ и таму реков дека преодната влада е многу подобра од крвопролевање на улица. Претпоставувам дека тоа е причината, тоа се сфатило како закана“, рече тој.
„Политика“ објави дека колумнистот Дејан Илиќ изнел вознемирувачки тврдења дека само преодната влада може да спречи крвопролевање во Србија. Илиќ нагласува дека тоа не се тврдења, бидејќи за тврдење се потребни цврсти факти и дека тој всушност го толкувал тоа што се случувало.
„Мојот апел воопшто не беше до властите, туку до опозицијата и студентите, да се договорат за преодна влада, бидејќи тоа е веројатно најмирното решение што ни е на располагање во моментов. Мислам дека секој нормален човек разбра дека се залагам за мирно решение на оваа криза. И реков дека и да седне СНС во таа влада, тоа е подобро отколку насилството да се случува на улица“, рече тој.