Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откриле значително количество кондиторски производи со поминат рок при рутинска контрола на автомобил.
Како што соопшти АХВ, потоа во соработка со МВР извршиле претрес на домот на возачот на возилото. Притоа, нашле 34 пакети со таканаречени флипс производи и 35 пакети оризови барови со различни вкусови, грицки и други кондиторски производи во количина од 250 килограми.
„Утврдено беше дека пронајдените производи се со поминат рок и истите, како небезбедени беа одземени“, соопшти АХВ.
Производите биле набавени од различни магацини и истите се нуделе и продавале на скопскиот пазар за стари работи во Маџари како и на пазарот во Шуто Оризари во Скопје.
Сторителот е казнет со парична казна во висина од 400 евра во денарска противвредност. Издадена е и наредба за уништување на небезбедните производи. Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со спроведување на мерки за сузбивање на нелегална трговија со храна, за која може да пријават и граѓаните на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22, електронски на [email protected] , или лично во Агенцијата.