18.3 C
Vinica
сабота, јули 12, 2025

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    За кандидирање независни советници условот да биде од 20 до 100 потписи, бараат граѓанските организации

    Девет граѓански организации и иницијативи денеска повторно апелираа да се повлечат заглавените противуставни измени на Изборниот законик и да се предложат нови кои ќе бидат во линија со одлуката на Уставниот суд во врска со можностите за кандидирање на незавсни советници на локалните избори кои ќе се одржуваат во октомври годинава.

    Тие бараат да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидати, по пример на бројните европски држави, да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји и да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена.

    Зелен Хуман Град, Шанса за Центар, Независни За Карпош – За Заштита На Карпош, Поинаку во Општина Битола, Стига е – Струмица, Стига е – Босилово, Стига е – Ново Село, Поранешни независни советници од Më mirë për Tetovën/ Подобро за Тетово и Граѓанската иницијатива Зелените од Гази Баба, бараат и да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот, да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидати за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка и да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања.

    Едно од барањата е и при поднесувањето на новите измени на Изборниот законик да се организира јавна расправа со вклучување на сите чинители, вклучително независните кандидати кои се најзасегнати, но и министерството за правда и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и набљудувачките мисии во земјава.

    „Правото на македонските државјани да се кандидираат за јавни функции е уставно загарантирано уште со осамостојувањето на Републиката и е право кое е слободно практикувано повеќе од три децении. Оттука, доколку овој пратенички состав не овозможи фер услови за излегување на независни кандидати на избори преку Изборниот законик, или свесно спречи учество на независните, ќе биде прв во историјата на македонската независност што бескрупулозно ставил потпис на институционално бришење на граѓански права што е исклучително опасен преседан со несогледливи последици“, се вели во соопштението од деветте организации.

    Тие сметаат дека можноста секој граѓанин да се кандидира за функција во локалната самоуправа не е привилегија, туку срж на демократијата, а локалните прашања како што се водата, воздухот, улиците се најгорливи и најважни за секојдневниот живот. Граѓанските активисти велат дека кога државата го оневозможува учеството на независни гласови токму таму каде што влијанието е најдиректно, таа не само што ја задушува политичката конкуренција, туку го лишува народот од основното човеково право сам да си ги решава најгорливите прашања од сопствениот живот.

    „Независните кандидати на последните локални избори се потврдија како четврта политичка сила. Но, ако се земе предвид дека нашите гласови беа дадени искрено – без уцени, без ветени вработувања, без притисок и заплашување, тогаш станува јасно зошто партиите нè сметаат за толкава опасност, зашто ние ја имаме поддршката од гласачи што не може да се купат. Да не можеа партиите да уценуваат, да заплашуваат, да вработуваат, што мислите колку гласачи ќе имаа? Нашето влијание и доверба кај граѓаните на локално ниво се факти што ниту една власт повеќе не може да ги игнорира. Ние ќе одиме на избори без оглед на очајничките обиди за партиски монопол врз демократијата. Македонија не е ничија приватна партиска сопственост“, велат граѓанските организации.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica