Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на собирот пред Народното собрание на Србија под мотото „Не ја даваме Србија“, изнесе низа барања упатени до институциите во Србија, известува српскиот медиум Н1.
Како прво барање, Вучиќ наведе дека од надлежните органи и институции, пред сè од надлежните обвинителства, бара во рамки на своите надлежности да покренат соодветни постапки со цел да се воспостави ред и мир во државата, со посебен акцент на потребата од целосно почитување на Уставот и законите.
„Особено бараме да се воспостави целосно почитување на Уставот и законите, да се обезбеди безбедноста на Република Србија и нејзините граѓани, и институциите што се узурпирани да им се вратат на граѓаните како носители на народниот суверенитет, вклучувајќи го и јавниот медиумски сервис на Србија кој е еден од клучните учесници во обоената револуција“, изјави тој.
Исто така, порача дека бара да се утврди правната одговорност на сите лица кои учествувале во, како што рече, вандалските напади и насилства врз граѓаните за време на нивните мирни собирања во Србија, а особено да се откријат и казнат извршителите, поттикнувачите и помагачите на „дивјачките напади врз мирно собраните граѓани во Ниш на 21 март 2025 година“.
Побара и секој ученик и студент да има можност да се школува и студира, доколку тоа го посакува.
Како четврто барање, наведе дека бара да се откријат извршителите, поттикнувачите и помагачите на активности кои вклучуваат напади врз виталните државни институции и објекти, и да се спречат такви активности во иднина.
„Петто, да се спречи секоја активност со која самоволно и противправно се парализира стопанската дејност и се оневозможуваат граѓаните да ги извршуваат своите животни активности на вообичаен начин, усогласен со јавниот поредок во кој секој може да смета дека во демократско општество државата ќе ги заштити неговите витални животни интереси“, рече тој.
Порача и дека обоената револуција е завршена.
„И нема да дозволиме ниту овие однадвор, ниту овие одвнатре да ни ја урнат државата. Можат да шетаат колку сакаат, од тоа нема ништо“, рече Вучиќ.
Додаде дека се основа ново движење затоа што „ни е потребна нова енергија и нова сила“.
„Имаме многу прекрасни луѓе и во партијата чиј член сум и која бескрајно ја сакам — СНС, и во многу други партии на нашите коалициски партнери. И во сите партии. И во опозициските партии. Секаде. Но имаме еден проблем. Ни треба нова енергија и нова сила. Ни треба и нов план. Не веќе план само до 2027, туку план до 2035. И затоа е тука движењето“, рече тој, истакнувајќи дека поради тоа почнале да го градат движењето со мудри, паметни, образовани луѓе, академици, универзитетски професори, но дека тоа е движење на народот.
„Добредојден е секој работник, секој земјоделец, секој домаќин и домаќинка. Добредојден е секој чесен човек што заработува за својот леб и што се бори за своите деца и за својата земја. И затоа сите вие сте добредојдени. Движењето треба да нè потсети на најважните вредности на нашето општество, на тоа за кого живееме — и за својата земја, и за оние што доаѓаат по нас. Затоа што е важно, затоа што мора да размислуваме што ќе им оставиме на нашите деца“, рече тој.
11 Македонски автобуси кон Белград
Вчера 11 автобуси од Македонија тргнаа да му дадат поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ. Околу 600 луѓе од Скопје заминаа да го поддржат собирот „Не ја даваме Србија“ чиј централен собир се оддржа пред Народното собрание на Србија.
Вчера беше првиот ден од тридневниот митинг „Не ја даваме Србија“ кој почна со дефиле на знамиња, и дополнително беше претставено српско знаме долго 200 метри, кое заедно со граѓаните го донесе претседателот Вучиќ.