15.2 C
Vinica
понеделник, април 28, 2025

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Бегство во иднината

    Емиграцијата на младите луѓе не претставува проблем само за општеството во Црна Гора, туку и за други места во регионот. Има многу студенти од други балкански земји со слична приказна. Кристијан е од Македонија и студира машинско инженерство во Љубљана. Неговата одлука да студира во странство се темели врз фактот дека универзитетот за машинско инженерство во Љубљана е еден од најдобрите во таа област на територијата на Источна Европа, а истовремено и најисплатливиот.

    Тој живее со неколку цимери, бидејќи не може да си најде место во студентски дом. „За мене, еден типичен ден започнува со одење на предавања“, објаснува Кристијан.

    „Помеѓу предавањата, обично имаме две паузи. По паузите, имаме теоретски или лабораториски вежби. Теоретските вежби се многу слични со предавањата кои ги посетуваме, но се фокусираат на задачи и математички и физички проблеми. Лабораториските вежби се различни во зависност од предметот, но секогаш сме поделени во помали групи на студенти, обично од четири до осум. Така изгледа кога работиме на проекти, добиваме оценки и стекнуваме практично знаење за теоретските концепти кои ги проучуваме. На крајот од самиот ден, повторувам во библиотека и учествувам во спортските програми кои универзитетот ги нуди“, вели тој.

    Повеќето млади граѓани од Балканот одлучуваат да ги напуштат своите земји поради лошите социјални, животни и економски стандарди и услови. Во Црна Гора, една петтина од младите изразиле желба да заминат, покажува Студијата за млади од Југоисточна Европа во 2024 година од фондацијата „Фридрих Еберт“.

    „Младите постојано ја напуштаат Црна Гора. Причините за ваквиот феномен треба да се бараат во нестабилната економска и политичка средина, која обезбедува плодна почва за продолжување на неевропските практики, како што се партиското и непотистичко вработување, корупција, беззаконие, заробени медиуми и недоволна поддршка за младите, или пак, само декларативна поддршка која не го одразува вистинскиот став на носителите на одлуки“, вели претседателот на Мрежата за младински активизам на Црна Гора (МОАЦГ), Давид Вукичевиќ.

    За младите луѓе од Западен Балкан, една од најпосакуваните дестинации за преселување е САД. Сепак, многу од нивните барања за виза се одбиени. Во 2024 година, повеќе од една третина од барањата за виза во САД во државите Косово, Црна Гора и Албанија биле неуспешни. Во Македонија, стапката на одбивање беше 28 проценти.

    Некои одлучуваат да останат во Европа

    Јосиф е 21-годишен Македонец кој студира компјутерски науки на Универзитетот во Бристол. За него, еден типичен ден се состои од предавања и консултации со професорите за оценки и иновативни проекти. Материјалот се изучува преку презентации и практична работа, а содржините за учење се во електронска форма или може да се најдат во библиотеката.

    Universiteti i Bristolit, foto nga faqja zyrtare e universitetit në Facebook
    Универзитет во Бристол, фотографија од официјалната Фејсбук страница на универзитетот

    „Иако уживам да бидам тука, чувствувам длабока поврзаност со мојата татковина и луѓето таму. Дури и тука се дружам со Македонци“, вели Јосиф. Тој доби можност да студира во странство поради стипендија понудена од Министерството за образование.

    Стипендијата наложува студентот да биде примен во еден од првите 100 рангирани универзитети на Шангајската листа—академско рангирање на универзитетите во светот, оценувани според бројот на научни трудови објавени во меѓународни списанија и бројот на добитници на Нобелова награда. Иако ниту еден од универзитетите од Северна Македонија не бил дел од Шангајската листа во изминатите неколку години, за студентите кои ќе се најдат на листата, министерството на земјата обезбедува стипендии кои ги покриваат повеќето трошоци. По дипломирањето, студентите мора да се вратат и да работат во својата земја неколку години. Јосиф вели дека единствената причина поради која би се вратил во Северна Македонија е неговото семејство и пријателите. Во однос на кариерата, тој вели дека можностите во странство се многу попривлечни. Поради тоа што ќе се врати во Северна Македонија откако ќе научи сѐ што може на Универзитетот во Бристол, тој се надева дека знаењето и искуството што ќе го стекне во Велика Британија ќе биде наградено со задоволителна плата дома.

    Во изминатата деценија, сѐ поголем број македонски студенти барале образовни можности надвор од границите на земјата. Соочени со предизвици на патот кон исполнувањето на нивните академски аспирации, многумина ги привлекуваат институциите во странство, каде што очекуваат понапредни наставни програми, најсовремени објекти и поголеми професионални можности. Овој тренд ги одразува подлабоките проблеми на системот на високо образование во Северна Македонија, и како што бројот на студенти кои заминуваат продолжува да се зголемува, тоа поттикнува значајни прашања за способноста на академските институции во земјата да ги задржат младите таленти и да создадат околина која е погодна за иновации и напредок.

    Според едно истражување на Фондацијата за демократија на Вестминстер, Северна Македонија инвестира помеѓу 116 и 433 милиони евра годишно во образование и обука на млади луѓе кои потоа ја напуштаат земјата. Во изминатите 30 години, имало 10% намалување на националното население поради забележлива емиграција на висококвалификувани студенти. Се чини дека овој број нема да престане да расте.

    Нема работни места за младите

    Иако нема официјална статистика за тоа колку Црногорци живеат во странство, податоците од Друштвото на статистичари и демографи покажуваат дека на датумот на пописот во 2023 година, околу една третина од црногорските граѓани, или 21.3478 луѓе, живееле во странство.

    „Иако во пописот беа собрани податоци за 44.017 луѓе, тоа претставува само 20 проценти .од проценетата дијаспора, додека 80 проценти, или 169.461 луѓе, не беа вклучени бидејќи во времето на пописот, тие немаа член на семејството присутен во Црна Гора кој би можел да обезбеди информации во нивно име“, вели Гордана Радојевиќ од Друштвото на статистичари и демографи. Пописот на населението во моментов претставува единствен извор на податоци за младите кои студираат во странство. Според последниот попис, 8.230 граѓани на Црна Гора живеат во странство за образовни цели, од кои 43 проценти, или 3.607 луѓе, студираат во Србија.

    Давид Вукичевиќ од МОАЦГ смета дека податоците јасно укажуваат на тоа дека Црна Гора нема соодветна пронаталистичка политика, но исто така и дека „младите луѓе продолжуваат да ја бараат својата среќа надвор од границите на татковината“.

    „Условите и квалитетот на воспитувањето и животот, успехот во текот на образовниот процес и предусловите за негово постигнување, можностите за подобрување, вработување, напредок и економска независност се клучни фактори кои ги обликуваат ставовите на младите луѓе“, објаснува Вукичевиќ.

    Според него, влегувањето на пазарот на трудот е донекаде полесно за младите поради недостатокот од соодветна работна сила и зголемувањето на минималните нето плати.

    „Сепак, поради постојано зголемување на цените, овој ефект постепено слабее, иако сè уште е присутен. Во исто време, работењето се очекува да одговара на сегашните нивоа на плата, но, за такви услови, образовниот систем не ги подготвил соодветно оние кои штотуку влегуваат на пазарот на трудот. Ги препознавам континуираните напори на Министерството за образование, наука и иновации и Министерството за спорт и млади за подобрување на положбата на младите луѓе, но без соодветна поддршка од Министерството за финансии и Владата на Црна Гора, тешко е да се постигнат видливи резултати“, вели тој.

    Податоците од Светска банка покажуваат дека само во последната деценија, повеќе од 2,5 милиони луѓе го напуштиле Западен Балкан во потрага по подобри животни услови во Западна Европа, што укажува на тоа дека ова е регионален тренд, а не проблем присутен само во една земја.

    Ilustrim: Fisnik Xhelili/Portalb.mk
    Илустрација: Фисник Џелили, Порталб.мк

    Студиите по информатичка технологија и инженерство меѓу најпосакуваните

    Едно од клучните прашања на миграцијата во регионот е заминувањето на високообразовани млади луѓе, експерти во области како што се информатичка технологија, инженерство, медицина и други клучни сектори, најчесто познати како СТЕМ, што значи наука, технологија, инженерство и математика.

    Иако Северна Македонија има длабока културна историја која се одразува во уметноста, музиката и литературата, програмите за уметност во земјата се борат да им понудат на студентите привлечни можности, а студентите кои сакаат да продолжат со кариера во таа област заминуваат да го бараат своето образование во странство. Додека СТЕМ програмите често се сметаат за попривлечни и поважни, уметноста и студирањето на таква програма често се сметаат за луксуз, а не за потреба.

    Ивана, која студира на колеџот Итака, вели дека природата на работата за која студира често бара меѓународна соработка и искуство, а во САД има многу повеќе опции за врмежување, филмски фестивали, продукции, публикации и можности. Сепак, таа сака да го прави истото и дома.

    „Отсекогаш сум сакала да придонесам на еден или друг начин за развојот на македонската култура и уметност и нејзината промоција низ светот“, објаснува таа и додава оти сè уште би сакала да биде активна во Македонија и на Балканот преку одредени ангажмани во областа на филм и фотографија.

    Дигитализирани универзитети

    Студентите кои студираат во странство и кои беа интервјуирани за потребите на овој напис споделија различни искуства во споредба со студентите кои дипломираат во Северна Македонија, каде што потреби како дигитални книги сè уште се непознати на универзитетите.

    Во 2023 година, научен труд на Форумот за образовни промени и Европската фондација за демократија откри дека дигитализацијата во јавните универзитети е сериозно неразвиена.

    „И покрај зголемената употреба на технологијата во образованието во целиот свет, многу јавни универзитети во Северна Македонија сè уште се потпираат врз традиционалните методи на настава и учење. Ова вклучува користење на физички учебници и предавања, употреба на хартиени индекси (и покрај фактот дека постои онлајн систем за оценување), лично запишување на семестар и физички консултации, наместо користење на онлајн ресурси“, се вели во трудот.

    Резултатите од истражувањето покажуваат дека постои значителен јаз на дигитализацијата во државните универзитети и дека се потребни значителни напори за подобрување на инфраструктурата, ресурсите и обуките потребни за нејзино остварување. Истовремено се истакнува дека процентот на буџетот наменет за дигитализација во државните универзитети во Македонија останува релативно низок. Државниот завод за статистика не прибира податоци за тоа колку од граѓаните студираат во странство. Единствено што можат да ни кажат е дека во моментов има 400 студенти, кои ги стипендираат, кои студираат на 100-те најдобри универзитети во светот.

    Не се само младите оние кои ја напуштаат татковината. Во Црна Гора, за разлика од втората половина на минатиот век, кога земјата воглавно ја напуштала помалку квалификувана работна сила, во последните децении, многу од оние кои заминуваат се со високо образование.

    „За жал, Министерството за внатрешни работи нема точни податоци за бројот на емигрираните граѓани или причините за нивното заминување, бидејќи оние кои ја напуштаат Црна Гора не го дерегистрираат своето живеалиште за да задржат одредени права во Црна Гора, што го отежнува проценувањето на вкупниот обем на миграција. Затоа, систематското следење на миграцијата е првиот и најважен чекор, особено со оглед на тоа што, според истражувањата за младите, имаме стабилни 50 проценти на млади луѓе кои сакаат да ја напуштат Црна Гора“, вели демографот Мирослав Додеровиќ.

    Постојаната црногорска емиграција, претежно на помладите жители, исто така е потврдена од официјалните податоци на црногорскиот Државен завод за статистика (Монстат), според кои Црна Гора имала 615.035 жители во пописот од 1991 година, а 32 години подоцна, во 2023 година, само неколку илјади повеќе—623.633, вклучувајќи повеќе од 90.000 странски државјани.

    Една од главните дестинации за имиграција е Германија, каде официјално има 10.413 граѓани на Црна Гора.

    Фото: ТАВ Македонија

    Зошто заминуваат

    Клучните мерки кои можат да влијаат врз факторите кои ја поттикнуваат и потегнуваат миграцијата вклучуваат зголемување на ефикасноста на активните програми за пазарот на трудот, со акцент на интеграција на долгорочно невработени поединци и млади луѓе.

    „Долгорочната невработеност е еден од клучните предизвици во Црна Гора. И покрај позитивните трендови кои се забележуваат на пазарот на трудот, долгорочната невработеност изнесува високи 72 проценти во 2023 година, во споредба со вкупната невработеност. Стапката на долгорочна невработеност беше речиси 12 проценти во 2019 година. Меѓу долгорочно невработените, најголема група се оние кои бараат работа за прв пат, главно неодамна дипломирани студенти“, објаснува Додеровиќ.

    Како главна причина за напуштање на Црна Гора, мнозинството ја наведе економијата, додека половина од анкетираните црногорски граѓани велат дека се преселиле во странство поради семејни причини, а некои и за образовни цели.

    Најголем број регистрирани црногорски граѓани работат, учат или живеат во Германија, вкупно 10.413 лица. Најголемиот број регистрирани поединци кои работат или учат во странство доаѓаат од Подгорица, тоа се 6.384 лица.

    „За посеопфатно разбирање на прашањето за миграцијата, особено структурата на населението што ја напушта Црна Гора, потребни се детални истражувања, со цел креаторите на политики и носителите на одлуки појасно да се насочат кон клучните проблеми и да предложат програми за задржување и привлекување на населението“, вели Додеровиќ.

    Емиграцијата на младите луѓе од Балканот, особено од Црна Гора и Северна Македонија, претставува сериозен предизвик за иднината на овие земји. Додека младите луѓе заминуваат во потрага по подобро образование, можности за работа и повисок квалитет на живот, овој тренд има долгорочни последици врз развојот на регионот. Иако постојат бројни иницијативи со цел да се запре трендот, меѓу кои се подобрувањето на образовниот систем, подобри услови за работа и создавање нови можности за младите, јасно е дека само преку заеднички напори на регионално и меѓународно ниво можеме да создадеме услови во кои младите можат да останат и да придонесат за понатамошниот развој на нивните земји.

    Пишуваат: Антонија Јаневска и Кристина Радовиќ

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica