17.4 C
Vinica
среда, октомври 9, 2024

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Во Кичево ќе се произведуваат делови за електрични батерии за автомобили

    Инвестицијата има голема додадена вредност, а се очекува државната помош што ќе ѝ се даде на компанијата да се врати за четири-пет години, само врз основа на придонеси, вели директорот на ТИРЗ.

    Следната година ќе почне производство на електрични батерии за автомобили во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Кичево. Белгиската компанија „Авеста батери енд енерџи инженеринг“ (АБЕЕ) ќе гради фабрика за производство на електрични батерии за автомобили во ТИРЗ Кичево.

    Договорот за инвестицијата, во вкупна вредност од 40 милиони евра, со која ќе бидат отворени 600 работни места, денеска го потпишаа директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, и сопственикот и генерален директор на АБЕЕ, Нешин Омар.

    „Станува збор за брзорастечка компанија која вложува во напредни технологии. Севкупниот план е инвестиција од 40 милиони евра и 600 работни места. Просечната бруто-плата ќе изнесува 1 500 евра. Просечната возраст на вработените во оваа компанијата сега е од 30 до 35 години и тие доаѓаат од 23 националности. Компанијата привлекува таленти од целиот свет и верувам дека и фабриката во Македонија ќе стане хаб во кој ќе се привлекуваат вакви таленти, особено млади луѓе. Ова е компанија која е активна во индустријата на 21 век, на електрични возила“,

    рече Деспотовски.  

    Според Деспотовски, инвестицијата има голема додадена вредност, а се очекува државната помош што ќе ѝ се даде на компанијата да се врати за четири-пет години, само врз основа на придонеси.

    За сопственикот и генерален директор на АБЕЕ, Ношин Омар, овој проект претставува клучна и пресвртна точка во стратегијата за експанзија на АБЕЕ.

    „Ова е потврда на нашата заложба за изнаоѓање технолошки иновации и решенија за енергетска одржливост. Убедени сме дека оваа фабрика ќе придонесе за економскиот раст на Северна Македонија и уште повеќе ќе ја зацврсти позицијата на АБЕЕ како глобален лидер во индустријата за батериски менаџмент-системи”,

    кажа Омар.

    „Авеста батери енд енерџи инженеринг“ во ТИРЗ Кичево ќе се фокусира на развој и производство на батериски менаџмент-системи (БМС) и системи за енергетска електроника. Производниот капацитет на компанијата ќе биде 300 000 единици годишно. Дополнително, оваа компанија планира да развие и нов спектар производи кои ќе го прошират портфолиото на производи на АБЕЕ.

    Министерот за економија Крешник Бектеши, кој присуствуваше на потпишувањето на договорот, рече дека со оваа инвестиција во Кичево во сите фази ќе бидат отворени 600 работни места, а тоа ќе значи намалување на миграцијата и отворање нови висококвалификувани и високоплатени работни места, не само за локалното население туку и за целата земја

    „Владата донесе нова легислатива за инвестиции во земјата која е предвидлива за инвеститорите, пред сè во делот на воведување нови технологии за електрични возила, што е тренд во светот. Кадарот што ќе биде вработен во фабриката во Кичево ќе помине на процес на обука за воведување нови технологии и примена на високотехнолошки работни процеси кои ќе се имплементираат во фабриката на АБЕЕ во Кичево”,

    кажа министерот Бектеши.

    Министерот Крешник Бектеши и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, се дел од делегацијата што во Брисел ја предводи претседателот на државата Стево Пендаровски, кој денеска заедно со нив ќе присуствува на бизнис-форум во Антверпен каде што пред белгиски компании ќе бидат претставени можностите за инвестирање во Северна Македонија. Покрај ова, утре во Брисел ќе се одржи уште еден бизнис-форум.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.