21.2 C
Vinica
среда, октомври 9, 2024

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    „Книга, за поквалитетно време” – иницијатива како да се надминат предизвиците на модерното време

    Со цел оттргнување на вниманието на младите од социјалните мрежи, а поттикнати од неодманешните немили случувања во Србија, Јавната локална библиотека „Илинден” од Делчево ја започна активноста „Книга за поквалитетно време”.

    Во рамки на иницијативата, чија примарна цел е да се даде акцент на книгата и да се разговара зошто е подобро децата наместо мобилен, во раце да држат книга, покрај директорката на Јавната локална библиотека „Илинден” Биљана Петровска, се вклучија др. Билјана Георгиевска, психијатар во Здравствениот дом „Гоце Делчев“, Габриела Цинцовска, психолог и Билјана Дончевска, педагог во деветолетката „Ванчо Прке“. Тие секоја од свој аспект даде свој осврт на темата за насилството во учичиштата која предизвика полемики од балкански рамки.

    Иницијативата започна со доделување подарок книги за првите пет читатели деца, кои се зачленија во библиотеката, а продолжува со акција за донирање книги за потребите на училишната библиотека.

    – Каде грешиме со нашите деца? Кој е виновен? Целиот систем, родителите, децата или сите заедно. Денешните деца уште не научиле да одат, држат мобилен во рака. Модерното време носи секакви нешта по социјалните мрежи, тик- ток, видео игри полни насилство и што ли уште не. Не сакаме да молчиме, туку да зборуваме, да дејствуваме, да промениме. Од тие причини и под мотото „Книга за поквалитетно време“, ЈЛБ „Илинден“-Делчево одлучи да ја реализира активноста со која сакаме да покажеме за тоа зошто е подобро децата наместо мобилен во раце да држат книга, зошто е подобро наместо да гледаат во мобилен да читаат книги, истакна директорката на ЈЛБ „Илинден”.

    Според Петровска, животот на децата во денешно време стана еден вид искушение, а воспитувањето на децата, наместо како награда се сведува на забранување.

    – Како што и претходно кажав ако децата наместо да гледаат по цел ден во мобилниот и играат видео игри или гледаат секакви видеа, читаат книга или спортуваат или било каков друг вид на корисно хоби, времето ќе им поминува поубаво, поквалитетно, а тие ќе бидат деца. Децата се нишка со која ја чуваме иднината, да се погрижиме таа да биде светла. Ги покануваме сите деца и оние кои се наши членови и оние кое не се, дојдете, да позборуваме, да се дружиме да ви понудиме книга за ваша возраст. Нашата порака е пробајте бидејќи книгата нуди широки хоризонти во кои сигурно поубаво ќе се чувствувате, отколку да следите некој јутјубер, некоја видео игра во која се пука или социјални мрежи на кои се омаловажува и навредува, подвлече Петровска.

    Околу насилството во училиштата делчевскиот психијатар Билјана Георгиевска вели дека во огромен дел за тоа влијание има и фактот што во време кога повеќето родители се стремат да ги постигнат своите амбиции, во трка со материјалното забораваат на она што е највредно, а тоа е да им се посвети доволно време на децата. Според неа, постои сложена комбинација на фактори кои доведуваат до зголемен ризик од насилно однесување кај децата, како што се претходно агресивно однесување, жртва на физичка или сексуална злоупотреба, изложеност на насилство во домот, изложеност на насилство во медиуми, комбинација на стресни социо-економски фактори.

    – Кај адолсцентите популарноста станува се поважна во врсничките односи и младите почнуваат да го усвојуваат или прилагодуваат своето однесување и да одговорат на нормите на одредени групи на кои сакаат да се придружат. Наша работа е како возрасни да направиме децата да се чувствуваат безбедни, во средина која ќе им овозможи правилен раст и развој. Насилството е научено однесување. Се поголемото присуство особено на адолесцентите на социјалните мрежи може како корисни да има и огромни штетни последици особено додека се во вулнерабилниот период, во кој активно се обидуваат да откријат кои се тие и како   се  вклопуваат во општеството и се со интензивна желба да бидат популарни и прифатени, вели делчевскиот психијатар.

    Според неа, особено е важно родителите да бидат свесни за тоа како социјалните медиуми и комуникациите може да влијаат на расположението и нивното однесување, а книгата како што дополни е само едно од средствата кои ќе придонесат за правилрн детски развој.

    – Да му помогнеме и насочиме детето да ги развие и усвои моралните вредности, да  поминува  квалитетно време занимавајќи се со одредени активности кои ќе му помогнат во неговиот равој – да се занимава со спорт, да чита книги, што помалку време на интернет и социјални медиуми. Најдобро стимулативно средство за правилен детски развој е книгата, а детето во овој свет треба да го воведеме многу мало, уште пред да наполни една година. Самиот процес на читање на книги според неа придонесува за позитивен социјален и емоционален развој, го стимулира детето да размислува, да поставува прашања, да даде  одговор, со еден збор се учи да биде конструктивен соговорник во иднина и да развива култура на дијалог, децидна е Георгиевска.

    Подвлече дека со квалитетно посветено внимание на детето може се одговори на неговите потреби, напоменувајќи ја редовната комуникација и барањето стручна помош доколку се забележи соодветно нарушување во неговиот развој.

    Во својот пристап како педагог во училиштето „Ванчо Прке” психологот Габриела Симеоновска додава дека во советувањето на децата користат разни содржини на сликовници, омилени ликови од лектири кои ги прочитале, сугерирајки им дека читањето смирува и релаксира.

    – Преку еден пријателски разговор ги анализираме и дознаваме што им се допаѓа,   а секако преку таквите разговори, тие си ги искажуваат своите внатрешни доживувања. Затоа е добро кога ќе читаат книга сами да размислат кој од ликовите ќе го окарактеризираат како позитивна или негативна личност, секако тука ги анализираат и нивните постапки. Затоа е потребно да се даваат добри примери од прочитаните лектири бидејќи на нив  социјалните мрежи многу поинаку им ги претставуваат нивните врсници, се повеќе се јунаци кои прават недолични работи и за жал тие се поистоветуваат со нив, вели Сименовска.

    Нејзиниот совет како педагог би бил  учениците повеќе да читаат, а помалку да го поминуваат времето на интернет.

    Со слични заклучоци е и психологот Билјана Дончевска, која од секојдневните разговори со учениците за начинот на кој тие го поминуваат слободното време, јасно им става до знаење дека потребно е да се направи разлика за позитивните, но и негативните страни од секојдневното користење технологија.

    – Во разговори со децата доаѓаме до заклучок дека поголемиот дел од нив слободното време го поминуваат на интернет. Преку тие разговори им даваме до знаење дека прекумерното користење на социјалните мрежи и ги забавува емоционалниот и менталниот развој на децата. Многу често тие се наоѓаат во ситуација да имитираат ликови. Јас најчесто апелирам до нив дел од слободното време да го искористат за да прочитаат некоја книга. Не мора да биде тоа лектира која е зададена од училиштето, напротив тоа може да  биде и слободна литература, во зависност од интересот на детето, потенцира Дончевска.

    Со читањето, како што додава таа, се развиваат комуникациските вештини кај децата и се поттикнува размислувањето. Читањето, потенцира, може да биде одличен начин за развој на емоциите кај децата посебно емпатијата, затоа што кога детето чита влегуваме во една друга ситуација во која гледа од перспектива на другиот.

    – Исто така тоа има големо влијание врз менталното здравје со тоа што ја зголемува креативноста и ја зајакнува функционалноста на мозокот. Затоа според мене тоа е еден од начините на кој квалитетно можеме да го поминеме слободното време. И повторно ќе кажам ние сме тие кои треба да им објасниме на децата зошто нешто е добро да го правиме и кои се придобивките од него, а од друга страна имаме нешто што го забрануваме односно го ограничуваме на некој начин и кои се последиците од тоа, додава Дончевска.

    Напоменува дека мора да има добра комуникација за децата да разберат што е добро, а што не. Подвлече дека сите заедно и тие како училиште и родителите можат да влијаат врз начинот на тоа како децата да го искористат слободното време, а со тоа да придонесат за нивниот развој.

    Кога се книгите во прашање и нивното промовирање како решение како квалитетно да се помине времето, во моментот ова училиште реализира акција за собирање на лектирни изданија во која учениците ќе можат да донираат стари лектири, се со цел да ја ја збогатат училишната библиотека со нови наслови и содржини.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.